Најголем дел од новозаразените, или вкупно 10, се во Скопје, седум се во Куманово, по два случаи се во Кратово и во Тетово, а по еден случај е пријавен во Гевгелија, Неготино, Кичево, Битола и во Крива Паланка

Нови 26 случаи на голема кашлица се регистрирани во земјава изминатава недела, во периодот од 12 до 18 јули, што е намалување од 35,4 отсто во споредба со минатата седмица.
Најголем дел од новозаразените, или вкупно 10, се во Скопје, седум се во Куманово, по два случаи се во Кратово и во Тетово, а по еден случај е пријавен во Гевгелија, Неготино, Кичево, Битола и во Крива Паланка. Новозаболените се на возраст од три месеци до 70 години, а најголем дел се до четири години.
Од новите 26 случаи, како што информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), два се хоспитализирани.
Во однос на вакциналниот статус на заболените, пет лица се комплетно вакцинирани, четири се вакцинирани согласно возраста и 17 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус.
Според ИЈЗ, заклучно со 18 јули, во земјава се регистрирани вкупно 931 нов случај на голема кашлица со инциденца од 50,7/100.000 жители, што претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период – од 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи.
Во однос на полот на заболените, извештајот на ИЈЗ покажува дека 428 лица се од машки пол, а 503 од женски.
Извештајот на ИЈЗ покажува дека досега од заболените хоспитализирани биле 131 лице, од кои 112 биле на возраст до четири години.