Бројот на потврдени случаи на заразени со т.н. делта сој (индиска варијанта) на ковид-19 во Грција се искачи на 1 087. Националната организација за јавно здравје денеска соопшти дека се зголеми вкупниот број на потврдени делта случаи во земјата, откако денеска беа потврдени нови 219 новозаразени со конкретниот сој. Од вкупниот број активни случаи во земјата, 5,42 отсто отпаѓаат на делта сојот, јави дописничката на МИА од Атина.
Во однос на новите случаи, повторно се регистрирани над 2 500 новозаболени, односно 2 604 случаи. Починаа пет лица.
Професорката епидемиолог и член на надлежната комисија, Вана Папаевангелу, на денешната редовна прес конференција за ситуацијата со пандемијата во Грција рече дека во изминатата седмица во просек имало по 2 568 случаи дневно, а просечната возраст на новозаразените е 26 години.
Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, соопшти дека за невакцинираните вработени во угостителството и туризмот, задолжителни се два теста седмично, еден рапид и еден селф тест.
За ситуацијата на Миконос објасни дека нема нови кластери и со воведениот полициски час и забрана за музика во угостителските објекти делумно се спречило дополнителното ширење на коронавирусот.
Додаде дека во следните денови ќе биде соопштено дали мерките на островот што се во сила до понеделник наутро ќе бидат продолжени или прекинати.