Предлог-амандманот се толкува како обид да се спречи евентуално враќање на експремиерот Виктор Орбан на власт бидејќи, како што се наведува, ограничувањето е од суштинско значење за враќање на владеењето на правото во земјата
Новата унгарска влада, предводена од Петер Маѓар, предложи уставен амандман со кој мандатот на премиерите би се ограничил на максимум осум години, објави „Гардијан“ наведувајќи дека со ваквиот потег ќе оневозможи евентуално враќање на Виктор Орбан на власт.

Предлог-амандманот, како што пишува британскиот весник, бил поднесен вчера, нешто повеќе од една недела откако беше избрана новата владата на Унгарија, и го означува првиот чекор што Маѓар и неговата партија Тиса го преземаат за реформирање на уставот на земјата, кој еднострано беше менуван повеќе од десетпати за време на владеењето на Орбан и неговата партија Фидес.
Маѓар за време на повеќе од двегодишната кампања пред да дојде на власт постојано ветуваше дека ќе воведе ограничувања на мандатите на највисоките државни функционери, опишувајќи го тоа како дел од неговите пошироки напори за враќање на демократските контроли во земјата.
Како што потсетува „Гардијан“, додека Маѓар и Тиса ја славеа својата убедлива победа на парламентарните избори минатиот месец, аналитичарите брзо излегоа со ставови дека новата влада се соочува со тешка задача за обнова на јавниот сектор и стагнирачката економија, кои и понатаму остануваат проблем поради лица лојални на Фидес кои остануваат во државните институции, медиумите и судството.
Предлог-амандманот се толкува како обид да се спречи експремиерот Виктор Орбан да ја искористи ваквата ситуација и да се врати на власт бидејќи, како што се наведува, ограничувањето на мандатите е од суштинско значење за враќање на владеењето на правото.
„Лице што служело како премиер вкупно осум години, вклучувајќи ги и сите прекини, не може да биде избрано за премиер“,
го цитира „Гардијан“ предложениот уставен амандман.
Амандманот би се однесувал на сите премиерски мандати од демократизацијата на земјата во 1990 година и истовремено значи дека Орбан, кој на чело на владата беше во пет мандати од 1998 или вкупно 20 години, не би можел повторно да биде избран на функцијата. Сепак, како што се наведува, амандманот има и свои маани бидејќи секој иден лидер што ќе собере две третини или супермнозинство во парламентот би можел да поднесе амандман за продолжување на своето време на власт.
Друга реченица во нацрт-амандманот, за која се очекува да помине со оглед на супермнозинството на Тиса во парламентот, го отвора патот за распуштање на контроверзната Канцеларија за заштита на суверенитетот.
Основана во последните години од владеењето на Орбан, канцеларијата беше обвинувана дека се обидува да ги смири критичарите на неговата влада со тоа што им дозволува на разузнавачките служби на Унгарија да пристапат до информации за поединци и организации без судски надзор.
Се очекува нацрт-амандманот да се дискутира следната недела на седница на парламентот.
Во неделите по неговата изборна победа, Маѓар се обиде да го нагласи раскинувањето на неговата влада со минатото, ветувајќи дека ќе ги прекине емитувањата на државните медиуми кои функционираа како гласноговорници на Орбан. Тој ги повика раководителите на државните медиуми назначените од неговиот претходник да си поднесат оставки и им се извини на наставниците, новинарите и јавните личности кои беа оцрнувани за време на владеењето на Орбан.

Неговата влада, исто така, јасно стави до знаење дека оваа остра промена ќе важи и за надворешните односи. Кон средината на мај новата министерка за надворешни работи Анита Орбан изјави дека го повикала рускиот амбасадор во Унгарија поради масовниот напад со беспилотни летала во Украина, означувајќи пресврт на навидум сервилните односи на нејзиниот претходник (Петер Сијарто н.з.) кон Москва.
„Му кажав на рускиот амбасадор дека е целосно неприфатливо за Унгарија што сега ја напаѓаат Закарпатија, дом на унгарското малцинство. Нагласив дека Русија треба да направи сè за итен прекин на огнот и мирен и траен крај на војната што е можно поскоро“,
напиша таа на социјалните мрежи.
