Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP) е добитник на Нобеловата награда за мир во 2020 година за нејзините напори во борбата против гладот.
Норвешкиот Нобелов комитет соопшти дека оваа организација дејствувала како движечка сила во напорите да се спречи употребата на глад како оружје за војна и конфликти.
Наградата е парична во износ од 10 милиони шведски круни (1,1 милион американски долари).
„Ова е признание за работата на вработените во WFP кои секојдневно ги ризикуваат своите животи за да донесат храна и помош за повеќе од 100 милиони гладни деца, жени и мажи низ целиот свет“,
се вели во првичната реакција на оваа организација на Твитер.
Шефот на Програмата, Дејвид Бисли, за новинската агенција Асошиејтед прес изјави дека ова е првпат во неговиот живот да остане без зборови.
Претседателката на Комитетот во Осло, Берит Реис-Андерсен рече дека со годинешната награда сакале да го свртат вниманието на светот кон милиони луѓе кои страдаат или се соочуваат со закана од глад.
„Светската програма за храна игра клучна улога во мултилатералната соработка во тоа, обезбедувањето на храна да стане инструмент на мирот“,
рече таа на прес-конференцијата во Осло.
Околу 211 поединци и 107 организации беа номинирани за наградата оваа година. Меѓу фаворитите беа Светската здравствена организација и активистката за заштита на животната средина Грета Тунберг.