Смртоносниот напад во Херсон се случил вчера, а руските гранати паднале на околу 100 метри од административната зграда на градот и погодиле место каде се давала прва помош. Загинале болничар и повозрасен граѓанин
Сирените за тревога кои предупредуваат за можен воздушен напад утринава се активирани низ цела Украина, вклучувајќи го и главниот град Киев. Тревога е објавена во регионите Киев, Харков, Житомир, Виниција, Чернихив, Миколаев и Кировохрад.
Градската управа на Киев ги повика жителите веднаш да одат во засолништа поради воздушната тревога.
„Во главниот град е прогласена воздушна тревога. Ве молиме веднаш одете во прифатните центри“ се наведува во известувањето објавено на официјалниот киевски канал Телеграм.
И регионалниот гувернер на Житомир, Виталиј Бунечко, ги повика граѓаните да останат во засолништа поради „заканата од огромен ракетен напад“.
Вчера мета на руските напади, пак, бил градот Херсон, кој украинските сили го освоија минатиот месец. Украинската страна тврди дека две лица се убиени во напад во центарот на градот.
Силното гранатирање на критичната инфраструктура во делот кај пристаништето, според регионалните власти, го оставил целиот град без струја.
Според пишувањата на украинските медиуми, вчерашните руски гранати паднале на околу 100 метри од административната зграда на Херсон и погодила место каде се давала прва помош, а загинатите се 32-годишен болничар и 70-годишен маж.
Експлозии вчера имаше и во вториот по големина град, Харков каде, исто така, биле гаѓани инфраструктурни објекти.