Портпаролот на Европска комисија (ЕК), Ерик Мамер, пак, на Твитер порача дека одлуката на „Гаспром“ утре да не дистрибуира гас е донесена „под лажни изговори“
Тридневниот прекин на испорака на гас кон Европа од руски „Гаспром“ преку Северен тек 1 нема да заврши денеска.
Компанијата денеска соопшти дека нема да го обнови протокот на гас од утре бидејќи имало истекување на масло од турбинскиот мотор. Оттаму, не наведоа кога повторно би можеле да испорачаат гас преку Северен тек 1.
Тридневниот прекин што требаше да заврши денеска беше направен поради ремонт кој се правеше заедно со експерти од германски „Сименс“.
Според претходните, по завршувањето на ремонтот транспортот на гас се очекува да биде вратен на ниво од 33 милиони кубни метри дневно.
Портпаролот на Европска комисија (ЕК), Ерик Мамер, пак, на Твитер порача дека одлуката на „Гаспром“ утре да не дистрибуира гас до ЕУ е донесена „под лажни изговори“.
„Овој потег потврдува дека Газпром е несигурен снабдувач“,
напиша Мамер.
Тој додаде дека континуираните намалувања на снабдувањето со гас се „доказ за рускиот цинизам“.
„Русија попрво би го запалила гасот отколку да ги почитува договорите“,
наведе Мамер, алудирајќи на минатонеделната анализа која откри дека Русија согорува големи количини гас во еден од нејзините капацитети наместо да го користи за договорени испораки.