Според него, новата власт во земјава извојувала импресивна политичка победа, но таа поддршка лесно може да се изгуби. Нимиц е дециден дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ треба да посвети малку време да размисли мирно, без да дава многу изјави, која ќе треба да биде нејзината политика во однос на Грција, на другите соседи, на ЕУ, а особено во внатрешноста на земјата
Новата власт во Северна Македонија се доведе во тешка позиција и треба да излезе од неа. Употребата на уставното име во писмена форма, но не и во усна, ќе предизвика континуирани проблеми и конфузија. Што ќе се случи ако треба да напишат една изјава употребувајќи „Северна Македонија“ и во продолжение да треба да ја прочитаат на глас? Оваа политика не е одржлива долгорочно и нема да им дозволи да ја играат соодветната улога во светската заедница, вели специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц во интервју за грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.
„Ако некој следи погрешен пат, најдоброто решение кога ќе го сфати тоа, е да се коригира. Самоуверена и психолошки силна личност ќе го направи тоа брзо. Може да постои некое оспорување за околу една седмица, но работите набргу ќе се движат поконструктивно. Другите лидери и јавноста ќе ја препознаат корекцијата и ќе го почитуваат лидерот кој во од се приспособува. Врз основа на оваа филозофија за справување со реалноста, раководството на Северна Македонија, според мене, треба да признае дека ‘Република Северна Македонија’ е името на државата, дека тоа е убаво и чесно признаено во целиот свет, во ОН, НАТО и ЕУ и е име за кое треба да се горди“,
објаснува Нимиц во интервјуто во кое говори за придобивките од Договорот од Преспа.
Според него, новата власт во земјава извојувала импресивна политичка победа, но таа поддршка лесно може да се изгуби. Нимиц е дециден дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ треба да посвети малку време да размисли мирно, без да дава многу изјави, која ќе треба да биде нејзината политика во однос на Грција, на другите соседи, на ЕУ, а особено во внатрешноста на земјата.
„Националните лидери ќе треба да препознаат дека времињата се опасни, особено за малите земји што се во нестабилен регион. Позитивните односи со соседите треба да бидат врвен приоритет. Веќе немам никаква формална или неформална улога. Целосно се повлеков од јавниот живот. Но, ако треба да дадам препораки до Скопје, би ги повикал 80 отсто од својата енергија да ја фокусираат на спроведување внатрешни реформи во области како што се борбата против корупцијата, силно јавно управување, владеењето на правото, образованието, економскиот развој и конструктивни меѓународни односи. Исто така, да се опстои во напорите за влез во ЕУ и покрај разочарувањата“,
вели Нимиц.
За останатите 20 отсто од енергијата и кон што треба да ги насочи новата влада, медијаторот коментира дека треба да работат конструктивно и приоритет прво треба да биде решавањето на отворените прашања со Бугарија, „но и на нормализирање на ненадејното нарушување на односите со Грција“ и секако да останат посветени на останатите регионални и пошироки надворешнополитички приоритети.
Во интервјуто за „Катимерини“, медијаторот коментира дека неговиот впечаток е дека ниту едно од раководствата во двете земји не е целосно ентузијастично и дека и двете се фокусираат на она што веруваат дека го отстапиле, а не на она што го добиле од решението на спорот.
Тој итакнува дека „Договорот од Преспа претставува последен чин на низа настани што ја обликуваа модерната форма на регионот на Македонија“, како што вели, почнувајќи од повлекувањето на Отоманците, Балканските војни од 1912 и 1913 година, Првата светска војна, создавањето на Југославија и распаѓањето, Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција, поделбите од Студената војна, насилниот распад на Југославија и создавањето нова држава во регионот, која мораше да се приспособи на соседството.
Дополнително, истакнува Нимиц, Договорот од Преспа покажа дека разликите можат да се решат преку компромиси што ги „гарантираат виталните интереси на двете страни“.
Во однос на тоа колку беше и е важно прашањето за името, тој објаснува дека за оние што не се директно инволвирани, таканаречениот спор за името изгледа неважен, особено ако се земат предвид големите конфликти што се случуваат во светот.
„Но, спорот е од особена важност и сам по себе и од аспект на регионалната стабилност и европската интеграција. Преспа претставува модел за регионот бидејќи покажува дека два народи можат сами да решат тежок билатерален спор. Историски гледано, важните настани во централна и југоисточна Европа честопати беа решавани од надворешни сили. Во регионот беа навикнати за барање решенија да се обраќаат до Истанбул, Виена, Берлин, Москва или Вашингтон. Во иднина би било подобро лидерите од регионот да имаат храброст и самодоверба веднаш да ги решат своите проблеми. Ова би претставувало знак на зрелост“,
истакнува Нимиц.
На Меѓународната конференција за мир и одржлив развој што во понеделникот и вторникот се одржа во Атина во организација на Институтот „Алексис Ципрас“ и Фондацијата „Заев“, специјалниот пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации во разговорите за името беше награден со Наградата за мир „Преспа“ за неговиот придонес во решението меѓу двете земји.