Со измените на Законот за заштита на населението од заразни болести усвоени вчера, инспекциските служби можат на самото место привремено да затворат објект, доколку утврдат дека ги крши здравствените протоколи. Ова е една од новините, покрај зголемените парични казни.
Вицепремиерот за Љупчо Николовски на денешната прес-конференција со директорите на сите инспекторати во земјава рече дека, иако сега Законот носи нови овластувања, се води грижа за правичноста и праведноста, односно се прави разлика во однос на казните во зависност од големината на објектот и во зависност од тоа дали казната е за правно или за физичко лице.

„Состојбата е сериозна и сите мора да ја сфатиме сериозно, бидејќи нема компромис кога се работи за јавното здравје. Патот што ќе го следиме е оној на одговорноста, дисциплината и редот и следење на правилата“,
рече Николовски.
Николовски најави дека врз основа на анализата што ја направил Инспекцискиот совет и која доставена до Владата, може да се очекува дека ќе се зголеми бројот на инспекторите што ќе го контролираат спроведувањето на законот.

„И не е само поради ковид, туку и за редовно работење треба да се јакне капацитетот на инспекторатите, кои го контролираат редот и дисциплината и важењето на законот. Свесни сме дека со пензионирање, со одлевање кадри од инспекторатите и претходно имаше потреба од кадри. Тоа е еден од врвните приоритети на Владата и не може да нема средства или да им административни бариери за да не се јакнат капацитетите на инспекторатите кои заедно со здравствените власти се борат во оваа пандемија. Следните чекори што Владата ќе ги преземе се за јакнење на потенцијалот на сите инспекторати врз основа на анализата“,
рече Николовски одговарајќи на новинарско прашање за забелешките од инспекторатите дека не им се дозволува нови вработувања и дека работат со малку кадар.
Николовски рече дека од следната година ќе почне рационализација, односно укинување или спојување на некои институции со цел зголемување на ефикасноста, кратење на непотребните трошоци и на дискрециски права.