Владата во следните денови ќе назначи нов в.д. директор на Државниот пазарен инспекторат, по разрешувањето на доскорешниот Стојко Пауновски. Вицепремиерот Љупчо Николовски го повтори ставот дека Паауновски го прекршил етичкиот кодекс и најави дека институцијата ќе треба непречено да функционира во следниот период кога ќе се олабават рестриктивните мерки.
„Кодексот не може да важи за еден, а за друг да не важи. Како што во 20-ина други случаи е постапено, од наша страна се констатирани прекршувањата на кодексот и од страна на кабинетот е доставено писмено известување до премиерот, согласно процедурата дефинирана во кодексот, со сите опции што ги дефинира членот 23 во случај на прекршување. Од страна на премиерот беше предложено на Владата да покрене постапка за разрешување согласно член 10 од Законот за Државниот пазарен инспекторат. По тоа е постапено и во следните неколку дена ќе се назначи в.д. директор за да може, особено сега во овој период кога се очекува олабавување на мерките, во пандемија, Пазарниот инспекторат да функционира непречено и да може да дејствува на терен согласно закон“,
изјави Николовски.
Николовски потенцира дека Владата, согласно Информацијата за јакнење на капацитетите на сите инспекторати донесена на 43-та седница, на ДПИ му дала 22 согласности за вработувања инспектори во Скопје, Струмица, Штип, Берово, Делчево, Крива Паланка, Битола и Прилеп.
„Се гордееме што направивме длабинска анализа со измените во законодавството, во делот на контролата и санкциите, но и што навремено, пред кој било друг и пред што било друго, на Пазарниот инспекторат сме му дале 22 согласности, токму за јакнење на капацитетите. Тоа ќе продолжиме да го правиме со сите инспекторати, нема да скршнеме од определбата за нивно јакнење“,
додаде Николовски.
Пауновски изминативе месеца јавно се противеше на владината одлука Пазарниот инспекторат да прими 35 административци опфатени со програмата за прераспределба на рамковно вработените во јавниот сектор кои со години земаа плата, а не одеа на работа. Според Пауновски, наложените вработувања не соодветствуваа со потребите на Инспекторатот, образложение што не беше прифатливо за премиерот Заев и Владата.