Директори на јавни претпријатија земаат поголема плата од претседателот и премиерот. Јавноста не ги знае, а имаат највисоки плати, највисоки привилегии, епа не може да имаат такви примања тие директори и да не носат одговорност, рече вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот Љупчо Николовски во веќерашното гостување на Канал 5.
Според него, никој не смее да биде заштитен од страна на политичките партии, никој не смее да биде над законот.
„Во нашето живеење се вкоренети навики каде се мора да е со протекции и врски. Баш против тие протекции ќе се борам. Дневно имам илјадници пораки од граѓани за ситни потреби. Тие самите се научени дека така полесно доаѓаат до решение. Јас одговарам на сите и ги процесирам тие работи колку што можам, но мораме да го промениме системот за да граѓаните почнат да веруваат дека преку системски и институционален начин тоа можат да го остварат. Сум бил министер и знам како се одвиваат внатре работите и се префрла одговорноста – не е до мене, до друг е“,
рече Николовски.
Додаде дека примените на законите мора да продолжат, да се коригираат и отстранат сите системски слабости.
„Верувам во капацитетот, верувам дека ќе понудиме чесни одговорни и отчетни кадри, дека многу работи ќе бидат променети, не само кај ДУИ, туку и кај СДСМ, сите треба да се менуваме да го менуваме начинот и менталитетот и како живееме и работиме, но сметам дека имаме стабилен партнер, нов чист четиригодишен мандат, во ко можеме да ги покажеме резултатите и да потврдиме“,
рече Николовски.