Според лозарот Трајче Кулев, производителите очекувале поголема поддршка, но сепак се задоволни и со овие два денари
Дополнителни два денари поддршка ќе добијат лозарите за предадено грозје во регистрирани капацитети, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Ова е договорено, како што рече, на денешната средба со лозарите и претставниците на винарските визби на која присуствуваше и премиерот Димитар Ковачевски.
„Оваа одлука значи дека на историски највисоките откупни цени што се постигнаа, се додаваат плус два денара за секој килограм откупено грозје. Оттука, цената на „смедеревката“ ќе биде 15 денари, а на „вранецот“ 17 денари. Ако на ова се додадат субвенциите од 40 000 денари за одржување на лозовите насади, постигнатата цена на грозјето е 18 за „смедеревка“ и 20 денари за „вранец“,
истакна Николовски.
Покрај оваа поддршка, дополни министерот, е воведена и нова мерка за зелена нафта 4 300 денари за хектар. Ова е рекорд и сериозна поддршка на секторот.
Лозарите и винарите искажаа благодарност до Владата за постигнатото решение и договорената поддршка.
„Ова што се случи денеска во Владата е само завршница на она што го догораваме долго време за да ги постигнеме најдобрите решнија. Оваа година е тешка и за лозарите и за винарите, потрошувачката на вино опаѓа, растат цените на репроматеријалите и се создава дисбаланс. Сепак, искажувам голема благодарност што се најде компромис меѓу лозарите и винарите од една страна и МЗШВ од друга. Залихите се големи и тешка ќе биде борбата за пласман на европските и светскиот пазар. Но, ваква состојба имаше и во 2009 година, па очекуваме дека ќе се избориме за поголемо производство, палсман и повиски цени“,
рече претставникот на винарите, Ристе Љуботенски.
Според лозарот Трајче Кулев, производителите очекувале поголема поддршка, но сепак, задоволни се и со овие два денара.
„Не е ова очекуваната цена за „вранецот“ и „смедеревката“, но задоволни сме зашто се најде решние за помош на лозарите со дополнителните два денара. Со тоа ќе ја ублажиме нашата мака. Со 15 денари за „смедервка“ и 17 за „вранец“ ќе се ублажи ударот. За дополнителните два денара поддршка се издвојуваат четири милиони евра од Буџетот што не е мала сума“,
рече Кулев.