Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на партиска дебата, рекол дека државата има неспособно водство кое не знае да се справи со оваа криза
Само со прогласување на вонредна состојба сите надлежностите ги презема владата на СДСМ, така што Зоран Заев и СДСМ ќе ја имаат целосна слобода во носење уредби со законска сила. Вака потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, на партиска панел-дискусија ги образложил причините зошто не било прифатено барањето на опозицијата за воведување кризна состојба. Според извештајот од дискусијата, што го испрати ВМРО-ДПМНЕ, Николоски рекол дека владата на СДСМ сега може да носи какви било закони кои што не успеа да ги изгласа пред распуштање на Собранието.
„Наместо да мислат на здравјето на граѓаните, тие размислуваат како може владата да ги изгласа тие закони што не успеа да ги изгласа пред распуштање на Собранието. Причината зошто се одбиваше барањето на ВМРО-ДПМНЕ за воведување на кризна состојба е само една. Согласно со Уставот, кога се воведува вонредна состојба сите надлежности ги презема владата, а тоа значи дека владата може сама да носи закони без да го има тука Собранието како некој филтер. Тоа значи дека може утре Зоран Заев, преку своите министри во владата, да си предложи каков сака закон и поручек тој да биде усвоен. И очекувам во следниот период да има закони во корист на брат му Вице Заев. Тоа е причината зошто се воведува вонредна состојба“,
рекол Николоски.
Како што е пренесено, Николоски, кој требаше да му биде главен противкандидат на Заев на изборите во четвртата ИЕ, рекол дека државата има неспособно водство кое не знае да се справи со оваа криза.
„Знам дека во услови на вакви кризи и луѓето се солидаризираат и критиките понекогаш се чувствуваат како неоправдани. Но, апсолутно мислам дека имаме неспособно водство на државата која што не знае како да се справи со оваа криза. Имаме на власт едни тотални аматери кои што не знаат да работата, не сакаат да работат, не знаат и не сакаат да учат и се крајно неспособни“,
рекол, меѓу другото, Никооски.
Ова е, всушност, првата реакција од опозицијата, откако претседателот Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба, на предлог на владата. Претходно, во текот на денот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара Пендаровски веднаш да прогласи вонредна состојба , иако на вчерашната лидерска среба, спротивно на Заев, тој се заложил за кризна ситуација на целата територија на државата.
Според Николоски, официјалните податоци од страна на Обединетите нации покажуваат дека Македонија е држава која лошо се справува со коронавирусот односно дека спаѓа во држави кои не се воведуваат рестриктивни мерки, што значи дека не го следи она што го прават земјите членки од Европската унија.