Според вицепремиерот и министер за транспот, актуелната Влада сака и ќе ја изгради пругата, но поевтино и на порационален начин, со проектирање на нова траса
Николоски во интервјуто за неделникот говори и за иницијативата за изградба на брза пруга на Коридорот 10, за која, како што вели, открил дека веќе има проект од 1978 година. Според неговите оптимистички проценки, за изградба на ваков инфрастуктирен проект ќе бидат потребни седум години, од проектирање до изведба
За изградба на пругата кон Бугарија, исто како и со автопатот Блаце, е избрана најтешката траса со цел да се напумпа цената, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за неделникот „Фокус“.
Одговарајќи на прашањето зошто Владата решила да го запре процесот за овој проект, министерот вели дека првиот и клучен елемент е предвидената цена на чинење, која, како што додава, изнесува 24 милиони евра по километар.
„Само за илустрација, цена на чинење на брза пруга било каде во Европа со 200 километри на час е 4 до 10 милиони евра, зависно од теренот. Овде за пруга која ќе оди со 60 километри на час е 24 милиони евра. Слично како со Блаце, избрана е најтешката траса. Не знам дали знае јавноста, но единствен начин да се изгради третата делница е само преку пруга како на каубојските филмови. Толку теренот е планински и лош, па само преку пруга може да се носат материјали, работници. Камион не може да пристапи. Невидена работа! Логичното прашање до моите претходници е зошто тоа е така проектирано? Зошто покрај тунел кој завршува никаде проектирани се 2 тунели под Крива Паланка?“,
вели Николоски.
Неговиот одговор зошто тоа е така наравено е за да се напумпа цената и дека тие како Влада не се глупави да прифатат таква цена за проект кој, како што вели, веројатно нема да се изгради никогаш.
Во форма на прашања, министерот наведува дека за проектот се пријавиле само несериозни компании и дека Бугарија од своја страна не работи ништо.
Според Николоски, актуелната влада сака и ќе ја изгради пругата, но поевтино и на порационален начин, со проектирање на нова траса која ќе се совпадне со Бугарија.
„Не знам дали видовте, Бугарија рече дека индикативна цена за нивниот дел е 1,2 милијарди евра. Кај ќе ги најде Бугарија тие пари? Тоа се многу пари за било која држава. Ние трошиме 560 милиони евра, а тие 1,2 милијарди евра за пруга што ќе вози 60 километри на час“,
вели министерот за транспорт во интервјуто.
Во него тој говори и за иницијативата за изградба на брза пруга на Коридорот 10, по која, како што вели, би биле наредени економски зони како лего-коцки.
„По Вардар одат најбитните коридори и за тие коридори светски и балкански војни се воделе во историјата. Сега ние треба да сме паметни и тоа да го искористиме. Автопат, за среќа, имаме, треба да изградиме и брза пруга и буквално како лего-коцки од левата и десната страна од брзата пруга да наредиме економски зони, каде ќе има фабрики кои ќе бидат основната додадена вредност во македонското стопанство, бидејќи секој што произведува ќе сака стоката брзо да ја транспортира и извезе. Таа стока ќе излегува на 2 големи пристаништа (солунското и атинското) и ќе може на брза пруга за неколку часа да е во Будимпешта, Виена или Прага“,
вели Николоски.
На прашањето дали оваа брза пруга треба да се поклопи со постоечката или ќе се пробива нова траса, министерот за транспорт вели дека за тоа веќе постои проект од 1978 година, кој сега го открил, додавајќи дека тоа е ексклузивна информација.
„Во 1978 година се проектирани 4 варијанти, од кои едната оди со 160, втората со 180, третата со 200 и четвртата со 250 километри на час. Ние во 2024 година зборуваме дали е можно? Секако дека е можно и ќе го направиме. Атина – Солун веќе е завршено, тоа го финансираа Грција и ЕУ. Белград – граница со Унгарија е завршено, Унгарија го гради во својот дел, сега треба да се изгради Белград – Ниш, Ниш – Скопје и Скопје – Солун. За Белград – Ниш ЕУ ѝ даде на Србија 600 милиони евра, што кредити, што грантови. Сега треба да најдат финансирање за Ниш – Скопје, па ние треба да видиме со Грците да најдеме финансирање. Мојот политички став е дека финансирањето треба да биде домашно или од ЕУ или од партнерите од НАТО-алијансата и ништо надвор од тоа“,
наведува вицепремиерот и министер за транспорт.
Според неговите оптимистички проценки, за изградба на ваков инфрастуктирен проект ќе бидат потребни седум години, од проектирање до изведба.
„Ќе ви кажам една оптимистичка варијанта. Ќе ни требаат две години за проектирање и уште 5 години за изведба, така што доколку ВМРО-ДПМНЕ добие втор мандат, до крајот на вториот мандат ќе ја завршиме“,
вели Николоски.