„Додека сум јас претседател на Владата, овој тендер нема да го прифатам поради техничка, но и морална причина. Завршија времињата на таков тип комуникација со претседател на Владата. Можеби со некои други имало така, со овој нема“, вели премиерот
Според него, претставниците од Европската банка за развој и Европската инвестициска банка нашле разбирање на сите аргументи што им ги предочил, а најави дека дијалогот со бугарска страна ќе се одвива во Брисел на високо ниво, процес што ќе го фасилитира Европската комисија
На премиерот Христијан Мицкоски му бил понуден поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија во износ од 560 милиони евра. Ова денеска тој го соопшти на прес-конференција на која ја презентираше нацрт-реформската агенда за периодот 2024-2027 година, а одговарајќи на новинарско прашање дали во следниот период приоритет на Владата ќе биде само Коридорот 10.
Според него, приоритети на Владата ќе бидат сите коридори што минуваат низ Македонија, а и на Коридорот 8 и на Коридорот 10 ќе работат со истата посветеност.
„За Коридорот 8 пред почетокот на седницата на Владата имавме комуникација со официјални лица од Брисел од Европската комисија, но и од банките што даваат грант или заем за овој проект, како Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка. Мислам дека после денешниот состанок дури и на нив им е прилично јасно дека вака како што е конципиран проектот претставува сериозен проблем“,
вели Мицкоски.
Посочи дека како претседател на Владата не може да стави потпис на проект и да потроши половина милијарда евра, пари на граѓаните за проект што завршува на половина тунел во слепа улица.
„Бев жртва на обид за поткуп поврзан за тој проект. Кажав дека ваков како што е никогаш нема да го поддржам. Тука не станува збор само за пари на македонските даночни обврзници, туку и на европските. Додека сум јас премиер, нема да се случи тоа“,
рече тој.
Според него, овој проект не е цел, па затоа очекуваат иста таква посветеност и загриженост каква што од наша страна се манифестира да има и од бугарска страна бидејќи смета дека овој коридор е потребен како стратегиски коридор, а не само како секција по секција.
„Другата половина од тунелот треба да биде завршена, како и тие пет-шест километри со кои ќе треба да се поврзе со веќе постоечката пруга од бугарска страна. Нас ни треба целиот коридор. А не ние да потрошиме пола милијарда евра, а тие да не направат ништо. Да ве потсетам на еден таков проект, граничниот премин Клепало, кога од македонска страна се беше завршено, а од бугарска страна ништо. До крајот на годината ќе биде завршен експресниот пат, што ќе ја поврзе земјата со источниот сосед, кој ќе заврши некаде после Крива Паланка“,
вели Мицкоски.
На прашањето кој му нудел поткуп во врска со Коридорот 8, Мицкоски не прецизира кој стои зад поткупот, туку посочи дека не може да оди јавно на емисија или, туку дека оди преку канали за комуникација.
„Еве, лично кажувам дека за Коридорот 8, секција 3 за пругата имаше обид да ми биде понуден поткуп, со што јас како претседател на Владата би потпишал прифаќање на оваа тендерска документација која истекува на 17 септември. Но, сè додека сум јас претседател на Владата овој тендер нема да го прифатам поради техничка, но и морална причина. Завршија времињата на таков тип комуникација со претседател на Владата. Можеби со некои други имало така, со овој нема“,
рече тој.
Според него, претставниците од Европската банка за развој и Европската инвестициска банка нашле разбирање на сите аргументи што им ги предочил, а најави дека дијалогот со бугарска страна ќе се одвива во Брисел на високо ниво, процес што ќе го фасилитира Европската комисија.
„Сите институции што треба да бидат информирани се информирани. Нормално тоа не оди транспарентно, не оди тоа преку докази. Тоа е канал за комуникација, но сум доволно искусен да насетам дека целта на соговорникот е таа за која говорам“,
вели Мицкоски.
Официјална Софија пред еден месец изрази зголемена доза на вознемиреност и посочи оти ги следи изјавите на официјални македонски политичари насочени кон кршење на меѓународните обврски на инфраструктурно поврзување, односно најавите дека Скопје ќе бара од Европската банка за обнова и развој да ги пренасочи европските пари за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 за брза пруга на Коридорот 10.
И специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, изјави дека европскиот транспортен Коридор 8 е од стратегиско значење за регионот, но, според него, новата влада во Скопје неделава покажала оти изгубила интерес за негово спроведување. Забелешката е дека наместо овој коридор, во Скопје се дало приоритет на Коридорот 10, кој ги поврзува Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Северна Македонија и Грција.
Ставот на бугарската влада и на Сарацин дојдоа по изјавите на министерот за транспорт Александар Николоски, кој ја обвини Бугарија дека нема проект за Коридорот 8. Според него, постои долгогодишна желба да се изгради пруга меѓу Скопје и Софија, но прашањето е како кога Бугарија не е сериозна за проектот. Поради тоа, тој побара парите од Коридорот 8 да бидат пренаменети за Коридорот 10.
Инаку, транснационалната транспортна оска Исток-Запад (Коридор 8) се простира од пристаништето Бари во Италија до пристаништата Варна и Бургас во Бугарија. Централниот дел од паневропскиот коридор долг 315 километри поминува низ Северна Македонија, односно преку – Кичево, Скопје, Куманово, Бељаковце и Крива Паланка.
Вкупната должина на железничкиот коридор кој минува низ нашата држава изнесува 88,2 километри, а во тек е изградбата на делницата од Бељаковце до Крива Паланка која е во должина од 34 километри. Стартот на градежните активности на делницата од Куманово преку Бељаковце до Крива Паланка беше означен пред крајот на октомври 2022 г. на церемонијата во Куманово на која учествуваа тогашните премиери на Северна Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Галаб Донев.