Потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вели дека земјите членки на Унијата кои не се согласуваат земјава да ги започне преговорите со Унијата се против бидејќи во земјата има висок степен на криминал и корупција
Николоски од партиската трибина на ВМРО-ДПМНЕ од Струга порача дека корупцијата и криминалот во земјава се на исклучително високо ниво, а тоа е директно поврзано и со поткопувањето на националните интереси и негирањето на самобитноста на македонскиот народ, бидејќи преку корупцијата која е создадена од, како што кажа тој, политичките елити од двете политички партии кои ја водат Владата, директно се удира врз темелите на државата.
„Ако претходно се зборувало само за висока корупција, сега, во владеење на СДСМ и ДУИ корупцијата ја има од најниско до највисоко ниво – од шалтерски работник, па сè до премиер, укажувајќи дека ако побарано се иселувале од Македонија заради економски причини, сега тоа се прави затоа што нема ред и поредок во државата“,
рече Николоски.
Тој кажа и дека токму високата распространетост на криминалот и корупцијата во земјава се причина зошто пет големи земји членки на Европската Унија сметаат дека Македонија не заслужува да започне преговори за членство со ЕУ.
„Доколку Македонија беше според перцепција за корупција во првите 30 во светот, а во првите 100 како што е во моментот, верувајте многу поразлично ќе изгледаше проблемот со нашиот сосед Бугарија. Затоа што во моментот најмалку 5 земји членки на ЕУ, не мислам на Германија, но мислам на останатите, мислат дека Македонија не заслужува ниту почеток за преговори за членство со ЕУ, пред сè заради високо ниво на криминал и корупција, и затоа не се врши притисок врз Бугарија. Нема притисок, затоа што мислат дека државата не е спремна“,
кажа Николоски.
Николоски на партискиот собир зборуваше и за сите минати афери кои се поврзуваа со луѓе блиски до поранешната и актуелна владејачка гарнитура бидејќи, како што кажа, јавноста веќе заборавила оти нема обвинителски акти за нив, ниту, пак, судски пресуди.