Како што посочи Николоски, во мандатите на претходните двајца еврокомесари за проширување немаше прием на нови членки. Тој вели дека не е уверен ниту во ветувањата на новата еврокомесарка Марта Кос дека ЕУ за првпат има реален пристап со кој до крајот на мандатот на сегашната Европска комисија би можеле да бидат донесени една или повеќе земји кандидати за членство
Никој не е наивен да влегува во играта на Бугарија на бескрајни условувања и вета, но проблемот е малку поголем од тоа што се претставува во јавност. Стратешка одлука на големите земји-членки на Европската Унија е повеќе од десет години да нема проширување, вели вицепремиерот и министер за транспорт и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
„Користа од чекањето е зачувување на националната гордост. Никој не е наивен да влегува во играта на Бугарија на бескрајни условувања и бескрајни вета. Ако е ова последно да разговараме, а ако не е последно не сме наивни уште еднаш да страдаме и да имаме проблеми. И мислам дека јас многу често сум зборувал за ова во јавност и стојам позади тоа дека проблемот е малце поголем од тоа што се претставува во јавност, а проблемот е стратешката одлука на големите земји-членки која што, за жал, е таква повеќе од десет години да нема проширување. Последниот политичар којшто беше чесен во однос на процесот, беше политичар којшто од овие другиве коишто се нечесни беше исправен. А тоа е Жан Клод Јункер којшто беше претседател на ЕК. Тој беше доволно чесен да ни каже на сите дека проширување нема да има“,
рече Николоски во гостувањето во „Само интервју’’ на Канал 5 телевизија одговарајќи на прашањето што добиваме како држава со тоа што во моментов не влегуваме во формални преговори со ЕУ.
Тој при тоа укажа на состојбите со другите држави кои се во процес на пристапување во ЕУ.
„На Србија гледате што ѝ се случува. Србија доби вето. Албанија, Грција веќе најавува вето. Црна Гора преговараат, заборавивме од кога. Турција преговара, заборавивме од кога. Се е јасно“,
рече Николоски.
Како што посочи Николоски, во мандатите на претходните двајца еврокомесари за проширување немаше прием на нови членки. Тој вели дека не е уверен ниту во ветувањата на новата еврокомесарка Марта Кос дека ЕУ за првпат има реален пристап со кој до крајот на мандатот на сегашната Европска комисија би можеле да бидат донесени една или повеќе земји кандидати за членство.
„Не го гледам тоа. Не го гледам затоа што нема такви чекори. Нашата надеж е фер однос, а тоа ако навистина ова е последно како што ни се вели, дај да направиме да е последно“,
рече Николоски во контекст на предлогот на Владата за уставни измени со одложено дејство.
Во однос на протестите на ДУИ пред Уставниот суд, Николоски оцени дека станува збор за провидна политичка игра со оглед на тајмингот кога после пет години судиите го ставаaт Законот за употреба на јазиците на дневен ред, токму кога СДСМ и ДУИ се во опозиција.
„Ова е една провидна политичка игра. Овде кадија те тужи, кадија те суди. Сакаше ДУИ од една страна да создава проблем, од друга страна да го решава проблемот и на тој начин да пробуваат да изигруваат спасители на Албанците од една страна, а од друга страна некакви си гарантори на стабилност во државата“,
истакна министерот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, однесувањето на лидерот на ДУИ, Али Ахмети е целосно неодговорно.
„Многу е лесно да градите мит за некого, кога не се нафаќа на извршна власт. Каков е тој политичар, кој што оди на избори, како прв, и после тоа не се нафаќа на извршна власт, пушта други таму, а тој седи во Собрание и во Мала Речица. Извинете, ама тоа е неодговорно однесување“,
посочи Николоски.