На прашањето – дали ставот на ВМРО-ДПМНЕ за неприфаќање на т.н. француски предлог е алиби за кога ќе дојде на власт да зборува дека е за ЕУ, а де факто да нема ЕУ-процес, Николоски одговори дека не е алиби, бидејќи тие секогаш отворено ги кажувале своите ставови
Кога ќе дојдеме на власт, наша патриотска должност ќе биде да направиме најдобро можно за државата, но дефинитивно нема да прифатиме ваков понижувачки предлог како што е францускиот, рече Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ во вечершаното издание на емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.
Тоа што владата на СДСМ и ДУИ прифатила, како што рече Николоски, драстично лоши работи за Македонија, не е проблем на Франција, туку на Владата. Според него, ништо не е конечно и може да се разговара и понатаму и да се преговара.
„Терминот француски предлог сите го прифативме, намерно се пласира од владата за да се прикаже во јавноста, еве не е до нас, Французите така предложија, а во суштина Франција само претседаваше во тој момент со Европската Унија и го склопи тоа што беше прифатливо за Бугарија и за Македонија. Тоа што Владата на СДСМ и ДУИ прифати за Македонија драстично лоши работи, тоа е проблем на оваа влада, не е проблем на Франција. Во однос на Преговарачката рамка, ништо не е библија, ништо не е непроменливо, секоја работа може повторно да се седне, да се разговара и да се преговара“,
рече Николоски.
На прашањето дали има манипулација во тврдењето дека Преговарачката рамка со ЕУ може да се смени, со оглед на тоа што таа е официјален документ усвоен од Советот за општи работи на ЕУ, Николоски одговори:
„Во овој момент, колку и да звучи чудно ова што ќе го кажам, единствен поголем губитник од Македонија од ваквиот предлог, кој сега е дел од Преговарачката рамка, е Бугарија. Зошто? Затоа што на Бугарија и се случуваат две работи. Прво, не доби ништо, затоа што со самото тоа што ВМРО-ДПМНЕ вели дека нема да се промени Уставот, со тоа Бугарија не добива ништо. Без разлика што тие мислеле дека ќе добијат, не процениле дека ние ќе го блокираме. И втор проблем за Бугарија е што антибугарското расположение во Македонија е на историски највисоко ниво, успеаја да си навлечат на себе гнев кај неподелено мнозинство од народот. Можеби сега во Бугарија тоа не се сфаќа, но прашање на време е кога таму ќе се создаде здрава политичка структура што ќе формира влада и на која многу брзо ќе и стане јасно ова што го зборувам“.
На прашањето – дали ваквиот став на ВМРО-ДПМНЕ е алиби за кога ќе дојде на власт да зборува дека е за ЕУ, а де факто да нема ЕУ-процес, Николоски одговори дека не е алиби, бидејќи тие секогаш отворено ги кажувале своите ставови.
„Ние никогаш не рековме дека ова е добар договор. Прво, бевме целосно исклучени од процесот и никој не не информираше што се преговара. Ние за договорот разбравме од медиумите, најпарадокласно разбравме од бугарските медиуми, бидејќи тука се лажеше дека нема таков предлог. После тоа власта призна дека има таков предлог, прво беше објавен во Бугарија, па потоа ние го коментиравме, а народот реагираше со масовни протести, така што цело време сме имале чист став. Не може Владата да прифати обврска за двотретинско мнозинство кога го нема. Требаше да седнат, да разговараат со нас, па да прифаќаат или да не прифаќаат“,
рече Николоски.