Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ а собраниска говорница покажуваше фотографии направени од повеќе перспективи од куќата што ја гради Меџити велејќи дека со тоа покажува како изгледа политичката корупција во земјава

Обвинувања за политичка корупција и изградба на луксузна хациенда од страна на кандидатот за министер за здравство Фатмир Меџити од Алијанса за Албанците, упати денеска од собраниската говорница потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски.
Неговите прозивки кон Меџити доаѓаат откако минатата недела тој јавно го праша лидерот на Алијанса, Арбен Таравари, дали цената за неговиот влез во Владата е куќа во Тафталиџе, Скопје, од 256 квадратни метри која наводно ја платил 150 илјади евра.
„Фатмир Меџити треба на јавноста да објасни како од една скромна барака во моментот гради една голема хациенда од 336 квадратни метри, ни помалку ни повеќе, во елитната скопска населба Тафталиџе и, ни помалку ни повеќе, како прв комшија на Арбен Таравари“,
рече Николоски.
Тој ова го посочи од собраниската говорница на седницата на која се дебатира за изборот на новите министри. Оттаму, додека зборуваше, покажуваше и фотографии од луксузната куќа.
„Еве, можете да ја видите од една перспектива, и еве од друга перспектива. Ова е како изгледа политичката корупција во Македонија и треба да објасни Фатмир Меџити како од сите локации во градот Скопје одбрал локација токму спроти подарената куќа на неговиот пријател и претседател на партијата Арбен Таравари. Вака, почитувани пријатели, изгледа политичката корупција“,
рече Николоски.
Тој рече и дека му е жал што во моментот премиерот Димитар Ковачевски не е во Собранието за да одговори како е возможно вакви хациенди да се креваат во најелитната скопска населба и такви луѓе да предлага за министри.
Дебата за избор на нови министри започна синоќа и траеше до 2 часот наутро. Таа следува откако претходно во Собранието беа разрешени тројцата досегашни министри од редовите на Алтернатива: Беким Сали – за здравство, Адмирим Алити – за информатичко општество и Џемаил Чупи.
Покрај Меџити, предложени за нови министри при оваа реконструкција на Владата се и: Кренар Лога (Алијанса) – за министер за правда; Азир Алиу (Алијанса) – за министер за информатичко општество и администрација; и Каја Шукова (СДСМ) – за министерка за животна средина и просторно планирање.