Очекуваме победа која што ќе значи комплетно ресетирање на Македонија, борба со криминалот и корупцијата, враќање на националната гордост на Македонците и бројни проекти кои што ги планираме во следниот период, изјави Николоски во Охрид
Со Македонија владее една мала клика која што е само оптеретена со лични интереси и мислам дека е недозволиво Талат Џафери да продолжи да биде премиер на Македонија, така што битката на овие избори е ВМРО-ДПМНЕ да освои најголем број пратеници за да може да формира влада која што нема да биде уценувана од никого, порача вечерва од Охрид носителот на изборната листа на ВМРО-ДПМНЕ во четвртата изборна единица, Александар Николоски.
Тој оцени дека ова се најбитни избори кои што и се случуваат на Македонија, избори кои што ќе ја определат иднината на Македонија во следните 20 до 30 години и изјави дека очекува убедлива и историска победа.

„Очекуваме победа која што ќе значи комплетно ресетирање на Македонија, борба со криминалот и корупцијата, враќање на националната гордост на Македонците и бројни проекти кои што ги планираме во следниот период“,
изјави потпретседателот на ВМРО–ДПМНЕ во линковско вклучување во централниот Дневник на телевизија Сител, од големиот народен митинг во Охрид, од каде што ВМРО-ДПМНЕ традиционално ја почнува секоја предизборна кампања за парламентарни избори.
Николоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ја има до сега најсеопфатната програма наречена „Платформа 1198“.
„Планираме целосна децентрализација на финансиите, 250 милиони евра секоја година да се спуштаат во општините. Еве сме сега во Охрид, Охрид секоја година ќе добива осум милиони евра дополнително на буџетот кој што го има општината, тоа се 32 милиони евра за еден инвестициски четири годишен циклус, а тоа е една милијарда за сите општини заедно. Понатаму, мислиме и на најмладите и на најстарите. За најмладите проектот ‘Купи куќа’ со кој што до 50% ќе се субвенционира изградба на нови куќи или купувања куќи за млади брачни двојки, а за пензионерите исправање на историската неправда и зголемување на пензиите пет илјади денари линеарно“,
рече Николоски.
Но за сето ова да го направиме, порача Николоски, мора да го исчистиме криминалот од Македонија.
„Во моментов, олицетворение на криминалот и корупцијата во Македонија е политичката партија ДУИ. На овие избори се одлучува дали Али Ахмети ќе продолжи да газдува со Македонија или Македонија ќе се ослободи со влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со Христијан Мицкоски премиер. Тоа е едноставното прашање на кое треба да одговорат граѓаните, затоа повикуваме на голема, масовна, референдумска излезност. Сите кои што се во Македонија да излезат и да гласаат, оние кои што се во дијаспората, доколку можат, исто така да дојдат и да гласаат и на 8 мај да се случат промените во Македонија, за како што велиме, Македонија да е повторно твоја“,
порача Николоски.