Одговарајќи на новинарско прашање во врска со иницијативата за изградба на брза пруга, Николоски рече дека тоа е еден од првите приоритети на кој тој троши многу време и енергија
Изградба на интерконектор меѓу Македонија и Србија што треба да следи по гасното поврзување на земјава со Грција била една од главните теми на денешната средба на вицепремиерите и министри за транспорт, односно за односи меѓу заедниците, Александар Николоски и Иван Стоиљковиќ со српската министерка за рударство и енергетика, Дубравка Бедовиќ-Хандановиќ во Белград.
Николоски, кој заедно со Стоиљковиќ овие два дена е во официјална посета на Србија, по средбата изјави дека денеска целиот фокус на разговорите го посветиле на економијата, вклучително и на енергетиката.
Во врска со изградбата на интерконекторите за гас, вицепремиерот изјави дека со тоа ќе заврши еден проект кој гененерации политичари го споменувале и со кој Македонија ќе го заземе централното место на снабдување со гас на Централна Европа.
„На тој начин ќе се изгради целокупен гасовод кој што ќе оди од Грција преку Македонија и Србија до Унгарија, Австрија и Централна Европа со што Македонија ќе го заземе централното место во делот на снабдување со гас на Централна Европа. Во услови на криза на Истокот и воена агресија во Украина ова ќе значи уште повеќе за македонската економија затоа што прво ќе може снабдувањето со гас во Македонија да се диверзифицира и да имаме три или четири извори на гас за Македонија, а не само еден и второ многу поважно е низ Македонија да оди транзит гас кој што ќе оди до големите европски држави со што македонското стопанство со самото тоа што ќе наплаќа транзит на гас ќе остварува големи приходи“,
изјави Николоски, соопштија од Министерството за транспорт.
Според него, овој гасовод, изградба на брза пруга која што исто така оди ќе оди до Централна Европа, како и завршување на Коридор 8 во делот на автопатско поврзување со Бугарија и Албанија, а во перспектива и железничко, како и изградба на мултимодуларен комплекс кај Трубарево каде што треба да се претовара целата роба која што ќе доаѓа од солунското, драчкото и атинското пристанште, во следните 10-15 години ќе ја стави македонската економија во центарот на Балканот.
Дводневната посета на Белград, Николоски ја оцени како успешна и најави дека кон крајот септември или почетокот на октомври се очекува во официјална посета на земјава да допатува премиерот на Србија, Милош Вучевиќ.
До крајот на годината, според вицепремиерот и министер за транспорт, владите на двете земји ќе одржат заедничка седница, а за следната година најави дека ќе има по две такви средби помеѓу двете влади.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со иницијативата за изградба на брза пруга, Николоски рече дека тоа е еден од првите приоритети на кој тој троши многу време и енергија.
„Нашата цел е да во многу брзо време ја испроектираме и да ја изградиме брзата пруга, не сакам да давам рокови, но ако успееме во рамки на извесните два мандати кои што ќе ги има оваа влада, зашто да не и три, ќе е одлична работа за Македонија. Некаде таму помеѓу 2030 и 2032 година да имаме функционална брза пруга со 200 километри на час што ќе значи препород за цела Македонија”,
рече Николоски.