Триесет и четиригодишниот Минчев беше предлог на победничката партија на изборите „Продолжуваме со промените“
Во обраќањето тој побара да им се овозможи да го завршат целиот мандат од четири години во Народното собранието и да наметнат нов модел на креирање политики
Никола Минчев денеска е избран за претседател на Народното собрание на Бугарија. За него гласаа 158 пратеници, 72 беа против и еден беше воздржан.
„Ние сме во поволна позиција што неодамна ја добивме довербата на Бугарите. Парламентот е врвна институција, која со својата активност ја гарантира работата на сите сфери од правата на граѓаните до тоа Бугарија да ја донесеме на чело на водечките позиции во Европа. Со изборот на претставници на седум политички формации во парламентот, гласачот од нас очекува тимска работа, а не авторитарни одлуки, ние мора да се усогласиме со неговата волја“,
рече Минчев.
Тој побара да им се овозможи да го завршат целиот мандат од четири години во собранието и да наметнат нов модел на креирање политики.
„За мене е чест да бидам претседавач во вакво клучно време. Ќе работам бугарскиот парламент да биде место за конструктивен говор и закони“,
додаде тој.
Триесет и четиригодишниот Минчев беше предлог на победничката партија на изборите „Продолжуваме со промените“. Тој дипломирал право на софискиот универзитет. Има долгогодишно искуство како адвокат и е експерт по процесно право.
Претседателот на Бугарија Румен Радев, во говорот по конститутивната седница на парламентот, им честита на народните пратеници на кои, како што рече, народот им ја дал довербата, истакнувајќи дека надежите за новиот парламент се огромни. Притоа тој повика на национален консензус за реформи.
„За прв пат по една година формираме трето Народно собрание. Претходните два состави беа краткотрајни, од говорницата се слушаа непријатни вистини, но не успеа да се формира стабилно мнозинство и да се избере влада…Бугарите не погледнаа назад и тоа го покажаа на изборите во ноември. Нашето општество сè уште бара излез од корупциската статус кво состојба, но веќе кажа ‘не’ за држава во заложништво и за враќање на авторитаризмот. Време е за национален консензус. Потребен ни е политички консензус на реформските сили, за потребата од реформско владеење. Од тоа зависи да има влада, зависи судбината на политичкиот систем кој не може да толерира нови предвремени избори“,
рече Радев.
Од пратениците побара, како што рече, „да создадете услови за заживување на слободата на говорот како гарант на транспарентноста, да ги вратите граѓаните во власта, да го подобрите изборниот процес“.
„Губењето на довербата во политичарите се рефлектира со повлекувањето од гласачката кутија. Не можеме повеќе да дозволиме да се губи историското време, ниту да бидеме подложни на популизам. Општеството очекува конечно да се ажурираат избирачките списоци пред бројот на гласачи да го надмине бројот на населението. Ако парламентот не успее да направи промени во обвинителството во догледна иднина, минатото ќе бара политичка одмазда. Без правда и законитост сите добри намери се осудени на неуспех“,
додаде Радев.