Прашан дали законот за амнестија ќе претрпи одредени промени, премиерот кажа дека исто како и секој друг предложен закон, така и овој може да претрпи одредени модификации врз основа на парламентарната дебата што ќе се отвори во Собранието
ВМРО-ДПМНЕ ништо не поддржува. Тие кога блокираат, блокираат без аргументи, чисто да се знае дека блокираат. Тоа е еден пристап на работа каде што сè мора да се блокира, вели премиерот Димитар Ковачевски прашан за коментар во врска со блокадата на предложениот закон за амнестија што вчера ја најави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Прашан дали законот за амнестија ќе претрпи одредени промени, Ковачевски кажа дека исто како и секој друг предложен закон, така и овој може да претрпи одредени модификации врз основа на, како што кажа, парламентарната дебата што ќе се отвори во Собранието.
„Ние како Влада ќе го разгледаме законот на една од наредните седнции и потоа ќе биде испратен до Собраието каде што сите пратенички групи ќе можат да го кажат своето мислење, но од блокирање само заради блокирање никој нема корист“,
рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање.
Додаде дека Министерството за правда веќе побарало мислење од координаторите на пратеничките групи во парламентот во врска со предложениот закон, а од нив, како што рече, очекува да се изјаснат по однос на ова прашање и да се развие дискусија во Собранието.
Претходно денеска од Правда ги повикаа пратениците што е можно побрзо да се изјаснат за предложениот закон за амнестија и да дадат свои сугестии и забелешки. Оттаму посочија дека во повеќе наврати испратиле дописи до координаторите на пратеничките групи со цел да се произнесат за предложеното законско решение, а за предлог-законот, како што велат, преку писмен допис е запознат и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски, пак, вчера најави дека преку демократски алатки, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе го блокира предложениот закон за амнестија. Рече дека „во текстот на предложениот закон нема каква било точка или запирка додадена вредност“.
Министерството за правда вчера го претстави предлог-законот за амнестија кој, доколку се усвои, ќе овозможи ослободување и намалување на затворските казни за лесни кривични дела.
Со законот се предлага целосно ослободување на лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, а за осудениците кои со правосилна пресуда се осудени на казна затвор поголема од шест месеци, се предлага ослободување од издржувањето на 30 отсто од целокупната казна.