На комеморацијата во Драмскиот театар во Скопје последен поздрав му оддадоа неговото семејство, пријателите и соработниците, колегите и студентите. Телеграми на сочувство до семејството на Јовановски испратија шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерката за одбрана Славјанка Петровска
Со потсетување на неговото дело, преку сцени од филмови и претстави во кои играл, денеска на големата сцена на Драмскиот театар во Скопје се одржа комеморација за актерот Мето Јовановски кој почина минатата недела на 77-годишна возраст. Последен поздрав му оддадоа неговото семејство, пријателите и соработниците, колегите и студентите.
Актерот Благоја Чоревски се потсети на нивните студентски денови, кога, како што кажа, заедно со Јовановски престојувале во иста соба во Софија.
„Мето беше актер кој имаше енергија, имаше ‘атомска бомба’ во себе. Кога ќе излезеше, го правеше тоа со некоја чудна леснотија, а во суштина е многу тешко“,
рече Чоревски.
Актерот Крсте Јовановски порача оти Мето остави аманет што треба да го чуваме и споделуваме.
„Сите ние во текот на нашето живеење ставаме по нешто во нашиот живот, без разлика колку тој трае, некој повеќе, некој помалку, сè зависи од она кој колку знаел и умеел. Мето во својот живот стави многу, затоа што многу знаеше и многу умееше, а и можеше. И тоа ни го остави во аманет да го паметиме и чуваме ние во нашите срца и да го пренесуваме“,
нагласи Јовановски.
Со актерот се поздрави и директорот на Црногорскиот народен театар, Илија Суботиќ, истакнувајќи оти Јовановски бил голем пријател на Црна Гора, црногорската култура и театар. Рече дека поради сите свои човечки и професионални доблести тој ќе остане пример за идните генерации театарски и филмски уметници кои преку неговата креативност може да научат дека вистинскиот талент е несомнена вредност во секој простор и време.
„Театарските и филмските улоги на Јовановски припаѓаат на најпосебните уметнички траги што останале во театарската и филмската уметност, на таа културна заедница која ги преживеала пред сè, предизвиците на нашата комплицирана и бурна модерност. Мето е своевиден симбол на таа истрајност, уметник кој со еднаков интензитет ја носел автентичноста на своето родно место и истовремено владее со креативната моќ по која се препознава уметничката универзалност“,
рече Суботиќ.
Телеграми на сочувство до семејството на Јовановски испратија шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерката за одбрана Славјанка Петровска, Македонскиот народен театар, Театарот за деца и младинци, Албанскиот театар, Народен театар Битола, Факултетот за драмски уметности и голем број театарски и филмски колеги и соработници.
Јовановски е роден на 17 јануари 1946 година, во с. Панчарево, Пехчевско. Во 1971 година завршува Театарска академија во Софија, Бугарија, и истата година се вработува во Драмскиот театар во Скопје.
Јовановски ја започнува својата актерска кариера во Народниот театар во Штип, каде што настапува уште пред да се запише на студиите. Оттогаш, за многу кратко време, се истакнува како еден од водечките драмски уметници во Македонија. Беше актер со огромен број филмски остварувања. „Тетовирање“, „Пред дождот“, „Големата вода“, „До Балчак“, „Опстанок“, „Среќна Нова 49-та“, „Трето полувреме“, „Најдолгиот пат“, „Опстанок“, се дел од филмските проекти во кои Мето Јовановски играше главна улога.