Неговата актерска кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде што настапувал уште пред да се запише на студиите. Оттогаш, за многу кратко време, Мето Јовановски се истакнал како еден од водечките драмски уметници во Македонија
Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Мето Јовановски почина денеска на 77-годишна возраст.
Веста за неговата смрт на Фејсбук ја објави актерот Драган Спасов-Дац.
Јовановски беше роден на 17 јануари 1946 година, во с. Панчарево, Пехчевско. Во 1971 година завршил Театарска академија во Софија, Бугарија, и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје.
Неговата актерска кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде што настапувал уште пред да се запише на студиите. Оттогаш, за многу кратко време, Мето Јовановски се истакнал како еден од водечките драмски уметници во Македонија.
Јовановски беше актер кој остварил огромен број филмски улоги, а играл во над 60 филма, меѓу кои „Тетовирање“, „Среќна нова 49“, „Пред дождот“, „Големата вода“, „До балчак“, „Најдолгиот пат“, „Диво месо“, „Нечиста крв“ итн. Тука се и многубројните улоги во ТВ-серии, пред сè ТВ-сериите „Опстанок“, „Трст виа Скопје“.
Тој е добитник на многубројни награди, меѓу кои „Златна клапа“ во Белград, четирикратен лауреат на наградата „Милтон Манаки“, наградата „Петре Прличко“, наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“, посебно признание за придонес во филмската уметност на осмиот „Балкан панорама филм фестивал“ во Измир 2022 година итн.