Ваквата реакција на Амбасадата на Твитер следува по веста дека на оваа социјална мрежа наводно била „лајкувана“ објава на еден српски медиум од профилот на американската амбасада во Приштина, во која се говори за непризнавање на независноста на Косово, извлечено од изјава на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, од синоќешната прес-конференција
Американската амбасада во Приштина денеска преку објава на Твитер соопшти дека целта на САД е да го поддржат Косово да стане дел од европските и евроатлантските структури и додава дека независноста на Косово е факт.
Ваквата реакција на Твитер следува по веста дека на оваа социјална мрежа наводно била „лајкувана“ објава на еден српски медиум од профилот на американската амбасада во Приштина, во која се говори за непризнавање на независноста на Косово, а извлечено од изјава на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, од синоќешната прес-конференција.
„Официјалниот твитер-профил на американската амбасада нема намерно `лајкувано` ниту еден твит во последните 24 часа. Како што рековме претходно, кога сакаме да артикулираме став, тоа го правиме преку официјални канали, со изјави, а не со `лајкови` на социјалните мрежи“,
се наведува во појаснувањето од Амбасадата на САД во Приштина.
The U.S. Embassy official Twitter account did not intentionally “like” any posts on Twitter in the past 24 hours. As noted previously: when we have a position to articulate, we do so via official, attributable statements – not by a social media “like.” 2/2
— U.S. Embassy Pristina (@USEmbPristina) January 5, 2023
Од Амбасадата додаваат дека категорично се противат на секој обид да се доведе во прашање независноста и суверенитетот на Косово.
Како што пишуваат српските медиуми, од твитер-профилот на американската амбасада во Приштина синоќа била ставена ознака „лајк“на објавата на „Васељенска ТВ“ со изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ во која говори дека девет земји го повлекле признавањето на Косово.
По реакцијата на претставникот на движењето Самоопределување, Арменд Муја, на „лајкот“ на амбасадата и посочувањето на она што го пишува, Амбасадата ја повлекла ознаката.
Во допис до медиумите, во кој се цитира портпаролката на амбасадата Џуд Кетрин, се вели дека се истражува како се случил случајниот „лајк“, пишуваат Блиц.рс и Н1.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера на прес-конференција изјави дека ја чека десеттата земја која, според него, ќе го повлече признавањето на независноста на Косово. Тој не прецизира за која земја станува збор.
Вучиќ рече дека девет земји веќе го повлекле признавањето на Косово: Сомалија, Буркина Фасо, Габон, Есватини, Либија, Гвинеја, Антигва и Барбуда, Света Луција и Малдиви.
Според податоците на Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово, 106 земји досега ја признале независноста што косовските власти ја прогласија во 2008 година.
Србија, исто така, во минатото тврдеше дека некои други земји го повлекле своето признавање на Косово.
Во меѓувреме, врз основа на договорот што го постигнаа партиите во Белата куќа на 4 септември 2020 година, Србија се согласи да престане да лобира против независноста на Косово на една година. Косово се согласи да не аплицира за членство во ниту еден меѓународен механизам или институција.
Дури и по истекот на овој мораториум, САД ги повикаа страните да продолжат да го почитуваат.
Инаку, Косово и Србија водат дијалог со посредство на Европската Унија, кој го поддржуваат и САД. Целта на дијалогот е да се заврши со правно обврзувачки договор, потсетува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Сепак, страните имаат спротивставени ставови за завршување на процесот започнат во 2011 година. Додека Косово сака конечниот договор да вклучува меѓусебно признавање, Србија сака компромисно решение – без да прецизира за каков вид на компромис станува збор.