Со неверување и разочарување ја проследивме Вашата прес-конференција, му порачуваат на Христијан Мицкоски од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, откако тој излезе со забелешки дека предлог-законот за јавно обвинителство претставува амнестија на Зоран Заев, неговите соработници и на помал дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
„Вие очигледно се советувате со луѓе кои на нашата партија не ѝ мислат ништо добро. Наместо да ни честитате на заложбите за нашата партија, да покажете лидерство и обединувачки капацитет, Вие со една изјава избравте да ги омаловажите истите оние кои Ве донесоа на позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ, да ги пуштите по вода оние што неуморно Ве бранат во Собрание, и покажавте дека човечките судбини ви се целосно неважни“,
велат во реакцијата независните пратениците.
Тие ги повикуваат нивните колеги пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат во дебатата за законот за јавно обвинителство и да го подобрат законот со конкретни и конструктивни предлози.
„Вклучете се бидејќи очигледно некому личните амбиции му се поважни од жртвите по пат до тие амбиции. Ваквите политики се на штета на нашата ВМРО-ДПМНЕ, која веруваме знаете дека е повеќе од една личност. Таа е идеја за национално единство и евроатлантски интеграции. Вашите одлуки носете ги во тој дух“,
повикуваат независните пратеници.