Од МНР велат дека дипломатите се во контакт со претставници на локалната самоуправа во Грција и се информираат за локациите каде се наоѓаат нашите државјани
Невремето кое ја погоди Грција затекна 15 наши државјани, но сите се во добра состојба, информираше попладнево Министерството за надворешни работи (МНР).
„МНР преку Амбасадата во Атина и Генералниот конзул во Солун е во постојана комуникација со нашите државјани кои се најдоа затекнати во погодените места од невремето во Грција, односно во регионот Агиос Иоанис, на источната страна на Пелион во Магнезија, југоисточна Тесалија. Се работи за 15 нашите државјани, сите на безбедно и во добра состојба. Нашите дипломати се во контакт и со претставниците на локалната самоуправа каде се информираат за локациите каде се наоѓаат нашите државјани“,
велат од МНР.
Оттаму додаваат дека грчките институции информираат оти интензивно се работи на расчистување на патиштата и надлежните ги преземаат сите мерки за снабдување на регионите со храна и вода, а веќе е саниран и проблемот со снабдување со електрична енергија.
Бурата „Даниел“ која ја зафати Грција донесе апокалиптични сцени. Има и жртви којшто број, според последните информации се искачи на седум. Спасувачките акции се одвиваат со чамци, булдожери и хеликоптери.