Премиерот Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана и лидер на центристичката опозиција, Бени Ганц, се согласија да ги остават настрана разликите и политичкото ривалство. Бени Ганц рече дека е време за војна и им порача на израелските граѓани дека новоформираната влада е обединета и подготвена да го „збрише“ Хамас од лицето на земјата
Секој член на Хамас е мртов човек, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по првиот состанок на владата за национално единство формирана вчера, пренесува Би-би-си.
Премиерот Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана и лидер на центристичката опозиција, Бени Ганц, се согласија да ги остават настрана разликите и политичкото ривалство. Бени Ганц рече дека е време за војна и им порача на израелските граѓани дека новоформираната влада е обединета и подготвена да го „збрише“ Хамас од лицето на земјата, пренесува Би-би-си.
Лидерот на главната опозиција Јаир Лапид сè уште не се приклучил на воениот кабинет, но Нетанјаху и Ганц во заедничката изјава рекоа дека за него е резервирано место.
Утрово, портпаролот на израелската војска Џонатан Конрикус вели дека израелските воздушни напади врз Газа продолжуваат и дека нивните авиони гаѓаат подземна мрежа изградена и населена од милитантите на Хамас.
„Она што Хамас го направи откако ја презеде контролата пред речиси 20 години е изградба на мрежа од тунели од градот Газа и под градот Газа сè до Кан Јунис и Рафах. За Појасот Газа треба да се размислува во два слоја – еден за цивилите на ниво на земја и друг подземен слој за Хамас. Она што се обидуваме да го направиме сега е да дојдеме до вториот слој изграден од Хамас. Ова не се бункери до кои цивилите во Газа би имале пристап кога Израел ќе нападне“,
додава тој.
Бројот на загинати во нападите на Хамас врз Израел кои почнаа во саботата достигна 1 200, а 5 339 се повредени. Во најновиот извештај Министерството за здравство во Газа зборува за исто толку загинати Палестинци во израелската реакција.
Вчера израелската армија објави дека илјадници војници се подготвени вдолж границата со Газа во случај да се изврши копнена инвазија. Портпаролот на израелската армија изјави дека силите, вклучително и 300 илјади резервисти, се подготвуваат за мисија во близина на границата со цел „на крајот на оваа војна Хамас да нема никакви воени способности“.
Според турски владини информации, Турција во меѓувреме преговара за ослободување на цивилите кои Хамас ги зеде како заложници за време на големите напади врз Израел и ги однесе во Појасот Газа. Според претставник на турската влада, претседателот Реџеп Таип Ердоган наредил да започнат разговорите, откако оваа недела контактирал со властите на земјите во регионот.