Ние се бориме за нашето постоење и мораме да продолжиме до победата и покрај меѓународниот притисок и загубите што Израел ги трпи, вели Нетанјаху, пренесува „Тајмс оф Израел“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на прес-конференција во Тел Авив кажа дека вчерашното трагично убиство на тројцата израелски заложници од страна на ИДФ „го скрши моето срце, ги скрши срцата на нацијата“. Тој нагласува дека копнената операција на ИДФ ќе продолжи, а војната ќе трае сè додека Хамас не биде уништен.
„Ние се бориме за нашето постоење и мораме да продолжиме до победата и покрај меѓународниот притисок и загубите што Израел ги трпи“,
вели Нетанјаху, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Тој кажа дека жали за трагичната смрт на тројца кои по грешка беа убиени вчера од војниците на ИДФ.
„Лекциите ќе ги научиме, но, не можеме да го вратиме часовникот назад“,
додаде тој, истакнувајќи дека сите војници знаат оти „растојанието помеѓу победата и катастрофата е влакно“.
Нетанјаху нагласил: „Израел ќе ги задржи воените и дипломатските напори да ги врати назад сите заложници“, пренесува „Тајмс од Израел“.
Израелските одбранбени сили, вчера, соопштија дека тројца израелски заложници во Газа по грешка биле идентификувани како закана и биле застрелани.
Според портпаролот на израелската војска, Даниел Хагари, претставниците на војската „претпоставуваат дека тројцата убиени Израелци или избегале или биле напуштени од терористите“ за време на тековните борби во Газа.
Откако израелската армија призна дека по грешка убила тројца заложници во Појасот Газа, кои ги држела палестинската милитантна група Хамас, стотици граѓани протестираа пред Министерството за одбрана во Тел Авив.
Демонстрантите носеа транспаренти и фотографии од околу 130 заложници, за кои Израел верува дека сѐ уште се заложници на Хамас во Појасот Газа и ја повикаа владата на Бенјамин Нетанјаху да обезбеди ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас.