Изјавата на израелскиот премиер следува откако огромно мнозинство од земјите во Генералното собрание ОН во вторникот ја поддржаа резолуцијата со која се бара итен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, а неколку часа претходно, американскиот претседател Бајден предупреди дека Израел ја губи меѓународната поддршка
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека ништо нема да ја спречи неговата земја да победи во војната против милитантното палестинско движење Хамас.
За време на посетата на воената база во јужен Израел, Нетанјаху рече дека ниту смртта на војниците ниту „меѓународниот притисок“ за прекин на огнот нема да ја запрат еврејската држава.
„Ќе продолжиме до крај. Нема сомнеж за тоа. Ова го велам свесен за големите страдања предизвикани од воените загуби, но и ‘земајќи го предвид меѓународниот притисок’. Ништо нема да нè запре. Ќе одиме до крај, до победа, ништо помалку“,
рече Нетанхају.
Неговата изјава следува откако огромно мнозинство од земјите во Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во вторникот ја поддржаа резолуцијата со која се бара итен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Резолуцијата ја поддржаа 153 земји членки, меѓу кои и С Македонија, 10 гласаа „против“, а 23 беа „воздржани“.
Само неколку часа пред гласањето во ОН, американскиот претседател Џо Бајден го предупреди Нетанјаху дека Израел ја губи меѓународната поддршка со своето неселективно бомбардирање во Појасот Газа. Предупреди дека поддршката за воената кампања на Израел се намалува поради силното бомбардирање на Газа и оцени дека за разлика од Вашингтон, израелската влада не сака решение со две држави.