Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, во видеообраќање рече дека Израел е во војна и дека терористите кои се осмелиле да ја загрозат безбедноста на израелските граѓани ќе платат досега невидена цена
Откако милитантната група Хамас утринава лансира над 2 500 ракети во јужниот дел на Израел и голем број Палестинци влегоа во земјата од повеќе влезови, притоа ранувајќи над 250 лица, од кои голем дел посериозно, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави голема антитерористичка акција и мобилизација на воените резервисти во земјата за да се стави крај на терористичкиот напад на палестинската група Хамас.
„Ние сме во војна. Ова не е операција ниту ескалација, туку војна. Утрово, Хамас лансира убиствен изненадувачки напад против државата Израел и нејзините граѓани. Во исто време наредив широка мобилизација на воени резервисти и одмаздничка војна со сила и опсег што непријателот досега не ги видел. Непријателот ќе плати досега невидена цена. Ние сме во војна и ќе победиме“,
рече премиерот Нетанјаху.
Претходно израелскиот претседател Исак Херцог на социјалните мрежи напиша дека Израел се соочува со многу тешка ситуација, но и дека израелскиот народ ќе ги победи сите оние што ѝ посакуваат зло на државата. Тој порача и дека војниците од израелските одбранбени единици ќе направат сè за да го задржат мирот во земјата и да ги заштитат цивилите од нападите на Хамас.
Израелските одбранбени сили ја започнаа операцијата „Железни ножеви“ против Хамас, а според информациите што пристигнуваат од тамошните медиуми, над сто лица се хоспитализирани во болниците низ земјата. Од нив, значителен број се со тешки повреди од прострелни рани или од шрапнели.
Високиот воен командант на Хамас, Мохамед Деиф, го најави почетокот на нападот на медиумите кои се поврзани со оваа организација, при што ги повика сите Палестинци да земат оружје и да се борат, пренесува Ројтерс. Тој изјави и дека ова ќе биде денот на најголемата борба и последен ден од окупацијата на Палестина.
Како резултат на нападите загина една жена, а повредени се 16 лица, од кои две се во критична состојба. Во Тел Авив, според израелските медиуми, директно била погодена станбена зграда, а во градот биле запалени и десетици возила. Вооружените напаѓачи отвориле оган и во градот Сдерот на југот на Израел, каде што во моментот се водат улични битки помеѓу израелските војници и припадници на Хамас.