Најавата на Нетанјаху, се додава во написот на Ројтерс, го истакнува притисокот со кој се соочува лидерот со најдолг стаж во Израел, додека Ајзенкот истовремено ја обезбедува поддршката од своите партнери, што би можело да му донесе парламентарно мнозинство и да овозможи формирање влада

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека е подготвен да му ја отстапи премиерската функција на Гади Ајзенкот, кој би ја предводел владата на национално единство во првата половина од мандатот. Овој потег сигнализира дека поранешниот началник на кабинетот се приближува кон составување опозициска коалиција насочена кон соборување на Нетанјаху, пишува Ројтерс.
Најавата на Нетанјаху, се додава во написот на Ројтерс, го истакнува притисокот со кој се соочува лидерот со најдолг стаж во Израел, додека Ајзенкот истовремено ја обезбедува поддршката од своите партнери, што би можело да му донесе парламентарно мнозинство и да овозможи формирање влада. Нетанјаху конкретно понудил да биде втор во договорот за ротација на власта со Ајзенкот, дел од предложениот договор за влада на национално единство меѓу нивните партии.
Ајзенкот го доби мандатот за формирање влада од израелскиот претседател по изборите одржани на 27 октомври. Изборите немаа јасен победник, па ниту Ајзенкот ниту Нетанјаху обезбедија директен пат до власта.
Оваа недела, Ајзенкот потпиша коалициски договори со двајца партнери – еден од левиот и еден од десниот политички спектар – чија поддршка би можела да го доближи до обезбедување мнозинство.
Портпаролот на партијата Јашар на Ајзенкот засега нема коменатр околу понудата на Нетанјаху.
Во својата изјава, Нетанјаху наведе дека тој би требало да ја предводи израелската влада, но „ Со оглед на обемот на егзистенцијалната закана и можноста за формирање влада која не би можела да се справи со таа опасност, мојата одговорност како лидер диктира да ставам сè друго настрана“.
Инаку, по консултациите со партиските лидери, израелскиот претседател Исак Херцог на 9 ноември му го додели мандадот за формирање нова влада на земјата на лидерот на партијата Јашар и поранешен воен команданат, Гади Ајзенкот.
Објаснувајќи го својот избор, израелскиот претседател Исак Херцог го истакна долгогодишното воено искуство на Ајзенкот, но и неговите лични загуби.
Инаку, Ајзенкот е добро позната личност во Израел. Тој го поминал поголемиот дел од својот живот во војската, служејќи како воен секретар на премиерите Ехуд Барак и Ариел Шарон, а подоцна и како началник на Генералштабот. Тој влезе во Кнесетот пред четири години, а минатата година ја основа центристичката партија Јашар, што значи исправен или фер. Сега има шанса да го симне од власт Бенјамин Нетанјаху, кој е премиер повеќе од 19 години.
