Газа мора да се демилитаризира. А за Газа да може да се демилитаризира, постои само една сила која може да ја обезбеди оваа демилитаризација – а таа сила се израелските одбранбени сили, вели Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека израелската војска ќе ја задржи безбедносната контрола над Појасот Газа долго по завршувањето на војната против Хамас.
Според Нетанјаху, Газа ќе мора да остане демилитаризирана и дека единственото тело способно да го обезбеди тоа ќе биде израелската војска, пренесува „Тајмс оф Израел“.
„Газа мора да се демилитаризира. А за Газа да може да се демилитаризира, постои само една сила која може да ја обезбеди оваа демилитаризација – а таа сила се Израелските одбранбени сили“,
рече Нетанјаху.
Говорејќи за време на заедничката прес-конференција со министерот за одбрана Јоав Галант и министерот Бени Ганц, Нетанјаху рече дека досегашното искуство покажало дека меѓународните сили биле неефикасни во демилитаризацијата на областите со сили непријателски настроени кон Израел и дека тој нема да прифати таков аранжман во Газа.
„Видовме што се случи на други места каде што донесоа меѓународни сили за демилитаризација. И не сум подготвен да ги затворам очите и да прифатам каков било друг аранжман“,
додава Нетанјаху.
Нетанјаху кажа дека армијата ги проширила операциите на југот од Појасот Газа и ја опколила Џабалија на север и Кан Јунис на југ додавајќи „нема место до кое не можеме да стигнеме“.
Тој го повика цивилното население да ги напушти областите каде армијата се бори против палестинскиот Хамас.
„Им велам на нашите пријатели во светот кои притискаат за брз крај на војната: Наш единствен начин да ја завршиме војната е да извршиме разорен притисок врз Хамас и да го уништиме“,
рече Нетанјаху.
Нетанјаху ги повика сите „цивилизирани“ лидери и влади да го осудат масовното силување извршено од терористите на Хамас.