Нетанјаху, исто така вели дека израелската „кампања сè уште не е завршена“ и додава дека и Доналд Трамп и Џо Бајден го поддржуваат „правото на Израел да продолжи со борбите доколку втората фаза не даде резултати“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вели дека првата фаза од договорот за прекин на огнот е привремена, додавајќи „ако мора да се вратиме на борбите, тоа ќе го направиме на нови, силни начини“, пишува „Гардијан“.
Нетанјаху, исто така вели дека израелската „кампања сè уште не е завршена“ и додава дека и Доналд Трамп и Џо Бајден го поддржуваат „правото на Израел да продолжи со борбите доколку втората фаза не даде резултати“.
Коментарите на израелскиот премиер доаѓаат во неговото прво обраќање до нацијата по договореното примирје и враќањето на израелските заложници од Газа. Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас треба да почне утре во 6.30 часот по Гринич.
Како дел од договорот, 33 од 98-те преостанати израелски заложници киднапирани од Хамас се очекува да бидат ослободени во оваа фаза, пренесува Ројтерс.
Тој исто така рече дека Израел нема да спроведе прекин на огнот во Газа додека не добие список од 33 заложници што Хамас ќе ги ослободи во првата фаза од договорот.
„Нема да го спроведеме договорот додека не добиеме список на заложници кои ќе бидат ослободени, како што е договорено. Израел нема да толерира никакво прекршување на договорот. Единствена одговорност е на Хамас“,
вели Нетанјаху во изјавата.
Во замена, Израел ќе ослободи околу 2 000 Палестинци кои моментално се притворени низ повеќе затвори.
Завршувајќи го својот говор, Нетанјаху ги истакнал успесите на воената операција во изминатите 15 месеци – вклучувајќи го и убиството на Јахја Синвар, лидерот на Хамас.
Нетанјаху рече и дека во договорот за прекин на огнот со Хамас успеале да ја натераат исламистичката организација да се согласи со услови на кои тие претходно одбивале да се согласат.
Денеска, на само еден ден пред стапување во сила на примирјето помеѓу Израел и Хамас, сирените за тревога во Ерусалим и централниот дел на земјата се огласија откако на овие места одекнале силни експлозии. Израелските власти велат дека нападите дошле од Јемен, но и оти сите ракети што биле истрелани кон Израел биле пресретнати и уништени од противвоздушната одбрана.
Хутите од Јемен започнаа со напади врз Израел веднаш по избувнувањето на војната во Појасот Газа како знак на солидарност со палестинскиот народ и предупредија дека доколку Израел не ги почитува условите од договорот за прекин на огнот тие повторно ќе нападнат.