Израелската војска соопшти дека проектилите што биле испратени од Јемен се пресретнати и уништени од противвоздушната одбрана
На само еден ден пред стапување во сила на примирјето помеѓу Израел и Хамас, сирените за тревога во Ерусалим и централниот дел на земјата се огласија откако на овие места одекнале силни експлозии. Израелските власти велат дека нападите дошле од Јемен, но и оти сите ракети што биле истрелани кон Израел биле пресретнати и уништени од противвоздушната одбрана.
Хутите од Јемен започнаа со напади врз Израел веднаш по избувнувањето на војната во Појасот Газа како знак на солидарност со палестинскиот народ и предупредија дека доколку Израел не ги почитува условите од договорот за прекин на огнот тие повторно ќе нападнат.

Инаку, договорот за прекин на огнот помеѓу Хамас и Израел ќе стапи во сила в недела, во 8:30 часот по локално време, објавија властите на Катар – земја која беше активен учесник во договорите за примирје помеѓу завојуваните страни. Со овој договор, покрај шестнеделниот прекин на оган, се предвидува и ослободување на 33 израелски заложници кои од 7 октомври 2023 година се наоѓаат во заробеништво, во замена за стотици палестински затвореници, зголемување на хуманитарната помош и повлекување на израелските војници од густо населените области во Појасот Газа.
Прекинот на огнот помеѓу Израел и Хамас ќе стапи во сила в недела рано наутро
Коалициската влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го одобри договорот за прекин на огнот со Хамас и ослободување на заложниците држени во Појасот Газа во замена за палестински затвореници откако претходно беше одобрен и од безбедносниот кабинет, иако екстремно десничарските министри беа против.