Со ова, израелскиот премиер го отфрли прекинот на огнот и рече дека Израел нема да се согласи на прекин на непријателствата со Хамас по нападите на 7 октомври
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска на прес-конференција во Тел Авив соопшти дека Израел нема да се согласи на прекин на огнот по нападот од Хамас на 7 октомври. Повиците за прекин на огнот, додаде тој, се повици до Израел да му се предаде на Хамас и да му се предаде на тероризмот.

„Исто како што САД не би се согласиле на прекин на огнот по бомбардирањето на Перл Харбор, или по терористичкиот напад од 11 септември, така и Израел нема да се согласи на прекин на непријателствата со Хамас по ужасните напади на 7 октомври“,
рече премиерот на Израел на денешната прес-конференција.
Нетанјаху рече дека Библијата вели дека има време за мир и за војна, а ова, како што додаде, е време за војна.
„Војна за нашата заедничка иднина. Ужасите што ги изврши Хамас на 7 октомври нè потсетуваат дека нема да го реализираме ветувањето за подобра иднина доколку цивилизираниот свет не е подготвен да се бори против варварите. Варварите се подготвени да се борат со нас“,
рече тој.
Израел не ја почна војната, но ќе ја добие, рече Нетанјаху и дополни оти Хамас е дел од „оската на злото“ што ја формира Иран. На прашањето дали размислувал за повлекување, израелскиот премиер рече дека единствениот кој ќе се повлече и ќе биде предаден на „ѓубриштето на историјата“ е Хамас.