Искрената намера на мојата изјава беше да ја истакнам неоспорната вистина дека на Али Ахмети му треба народот колку што му треба на народот Али Ахмети, но една несреќна мешаница на моите зборови погрешно ја претстави намерата, за што, извинете“, пишува Артан Груби на својата фејсбук-страница

Откако денеска Артан Груби изјави дека „Во овие околности во кои се наоѓаме, на Али Ахмети не му треба ДУИ, туку ДУИ има потреба од Али Ахмети. На Али Ахмети не му треба народот, туку народот има потреба од Али Ахмети“, вицепремиерот вечерва преку статус на неговата фејсбук-страница појасни дека она што го кажал, не било тоа што сакал да го каже.
„Мојот однос со претседателот Али Ахмети е како односот на сите вас кои сте убедени во неговиот животен пат, неговата правда, неговата визија, неговата национална вредност за сите Албанци. Искрената намера на мојата изјава беше да ја истакнам неоспорната вистина дека на Али Ахмети му треба народот колку што му треба на народот Али Ахмети, но една несреќна мешаница на моите зборови погрешно ја претстави намерата, за што, извинете“,
пишува Груби.
Според него, ова се докажало во сите прогресивни процеси низ кои мина државата, каде што Ахмети и луѓето зад него постигнаа слобода, еднаквост, обезбедија интеграција на земјата во НАТО и ја задржаа на вистинските колосеци на евроинтеграциите.
„Али Ахмети ја зема моќта на дејствување од народот и го има народот зад себе во четирите децении од неговото политичко работење, а тој продолжува да биде непоколеблив визионер во исполнувањето на идеалите за напредок и интеграција. Али Ахмети и народот се единствен дух кој ќе продолжи да тече во патувањето на многу мисии. Неговата и наша единствена мисија е да им служиме на луѓето и да обезбедиме подобра иднина со тоа што ќе ви служиме на сите вас“,
додава Груби на Фејсбук.

Артан Груби денеска го коментираше ставот на „огнената група“ од партијата која неодамна со отворено писмо побара промени во партијата, посочувајќи дека зад расколот во ДУИ стои токму Груби.
Во насока на ставот на „огнената група“ од ДУИ, Груби посочи дека не само што ДУИ може да функционира без него, но оти во вакви пресудни моменти, како што рече, треба да се даде придонес за надминување на сите кризи со кои се соочуваме за успешно реализирање на сите проекти.
„Не само ДУИ, која било политичка партија, која било институција, кој било општествен процес може без секого. Никој не е незаменлив. Но, се наоѓаме во пресудни моменти, ви кажав и сметам дека сите треба да дадеме придонес за да ги надминеме сите кризи со коишто се соочуваме и да дадеме придонес за успешно реализирање на сите проекти“,
рече Груби.
Тој додаде оти ДУИ е посилна и позастапена во институциите од кога било, реализирајќи ги сите проекти.
Во таа насока, Груби кажа дека партијата е стабилна, а дека во моментов со оглед на кризата во државата, нема потреба од, како што рече, непотребно дефокусирање од реализација на проектите.