Во моментов нема разговори со бугарската страна, а после празниците ќе продолжат политичките контакти, порача денеска премиерот Зоран Заев, но вели не очекува напредок до завршување на изборите во Бугарија.
„Во моментот нема разговори, a после празниците ние ќе одржиме координација со Министерството за надворешни работи и тимот од мојот кабинет, заедно со специјалниот претставник на државата за Бугарија, Бучковски, за да продолжиме во делот на утврдувањето на акциониот план, а тоа е планот којшто го изработивме на наш предлог, под раководство на министерот Бујар Османи за покривање на сите области – од спортот до инфраструктурата, образованието, културата, здравство, наука итн. Очекуваме до Божик отприлика повратен одговор од Бугарија затоа што очекуваме дополнување ако имаат некои идеи, затоа што иако се пред избори кои завршуваат на крајот на март мислиме дека за доброто на двете страни ќе кое биде било понапредно реализирање на акциониот план, составен и предложен од наша страна. Понатаму ќе продолжат и политичките контакти под раководство на двајцата министри за надворешни работи. Реално јас очекувам напредок после завршување на изборите, заради тоа што нерационално е очекувањето пред изборите да се донесе некое решение кое би го ослободила нашиот пат кон ЕУ“,
вели Заев.
Тој рече дека Владата ќе продолжи со пријателство и објаснување на сѐ што претставува резерва или незадоволство од бугарската страна за динамиката на реализација на Договорот за пријателство. Но, посочи дека за одредени проекти треба заедничка соработка.
„Се што претставува кај нив незадоволство ние ќе го објасниме. Сме сакале навистина железничката пруга на Коридорот 8 да ја направиме побрзо, тоа е пред се интерес на целиот македонски народ, но за жал динамиката на вака сложени проекти не е онака како што сите сакаме за една-две години да биде реализирана. Искрено, се надевам и дека Бугарија ќе почне нешто да гради од таа страна како што е преминот Клепало. Железница почнува од Куманово, кон Ранковце, Крива Паланка до бугарската граница, ама и после границата има железница којашто треба да се изгради. Затоа заедничка е обврската на двете страни да обезбедиме инфраструктурата која ќе обезбеди повисок економски раст и развој“,
порача премиерот.
На новинарско прашање, премиерот рече дека македонскиот идентитет, македонскиот народ и јазик се европска вредност и за такви вредности, како што вели, ниту се разговара ниту се преговара.
