Според неа, еден од клучните сегменти е да постојат судии со интегритет, судии со морални и етички вредности, на кои правдата им е поважна од договорите во судница
Претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска смета дека правдата мора да произлезе од фактите и доказите низ транспарентна и фер постапка, а тоа, како што потенцира, значи судиите да носат независни, издржани и аргументирани пресуди, на кои ќе им веруваат граѓаните во постапката
Активностите против корупцијата повеќе не можат да останат само на хартија и да се архивираат, нам ни е неопходна акција, истакна претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска на тркалезната маса „Програма за превенција и следење на корупцијата во судството, што се одржа денеска.
„Голем дел од граѓаните немаат доверба во судскиот систем затоа што знаат, мислат или осетиле на своја кожа дека некои судии се корумпирани. Тоа го срозува судството и не смее да не остави неми посматрачи на ваквиот процес. Активностите против корупцијата повеќе не може да останат само на хартија и да се архивираат, нам ни е неопходна акција, дејствување кое ќе го натера Судскиот совет да создава услови со кои ќе направи одговорни судии имуни на поткуп, дејствување кое целиот судски систем ќе го постави поинаку и нема да остави простор корупцијата да ја одредува правдата“,
порача Црвенковска во своето обраќање.
Таа смета дека правдата мора да произлезе од фактите и доказите низ транспарентна и фер постапка, а тоа, како што потенцираше, значи судиите да носат независни, издржани и аргументирани пресуди, на кои ќе им веруваат граѓаните во постапката.
„Пресуди ослбодени од секаков вид влијанија, вклучително и на оние од центрите на моќ кои со корупција ја загрозуваат правдата. Ние сме сега во ситуација во која владее перцепцијата дека нашиот судски систем не е имун на корупција, но тоа не значи да се откажеме од намерата да создадеме услови во кои ќе изградиме систем на вредности, а потоа ќе можеме да очекуваме дека граѓаните ќе ни веруваат затоа што сме решени да ја спречиме корупцијата во одредување на правдата“,
дополни Црвенковска.
Според неа еден од клучните сегменти е да постојат судии со интегритет, судии со морални и етички вредности, на кои правдата им е поважна од договорите во судница.
„Ние нема никогаш да можеме да зборуваме, а камоли да имаме функционален и независен систем ако не ја искорениме корупцијата. Ние како Судски совет можеме да ги спроведеме сите реформи, да направиме идеално судство според законска рамка, да продолжиме со примена на методологии, како таа за квалитативно оценување на судии и методологијата за сложеност на предмети, но ако не ја совладаме корупцијата ќе нема смисла нашето настојување за независно судство“,
заклучи претседателката на Судскиот совет.