Генералниот секретар на СДСМ ги посочи Центар, Струмица, Кочани и Крива Паланка како општини во кои неговата партија има убедливо водство, иако се уште нема избрано кандидати за градоначалници
СДСМ убедливо води во општините во кои се уште нема кандидати за градоначалници. Нема превирања во СДСМ туку сакаме да ги избереме најдобрите кандидати, изјави генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски, одговарајќи на новинарски прашања при посета на Македонска Каменица.
Николовски како пример за општини во кои, како што вели, СДСМ се уште нема кандидати, а има убедливо водство, ги наведе Центар, Струмица, Кочани, како и Крива Паланка, за каде што рече дека водството е два спрема еден во корист на владејачката партија.
Тој најави дека до крајот на месецот, односно идната недела, СДСМ ќе ги објави и останите кандидати за претстојните локални избори, иако рокот за поднесување на кандидатурите истекува на 11 септември.
Според Николовски, кој тврди дека во партијата нема никакви дилеми, ниту препукувања, СДСМ убедливо води во источниот регион, а одлуките за тамошните три општини, најверојатно, ќе бидат познати в понеделеник или во вторник.
„Верувам дека до крајот на месецот ќе ги објавиме сите останите кандидати. Нема препукувања, туку има повеќе кандидати, а ние сакаме да ги одбереме најдобрите. СДСМ внимателно ги носи одлуките. Го слушаме гласот на граѓаните, правиме внатрепартиски, но и теренски истражувања, отворено транспарентно, низ демократска процедура. Промовиравме 51 кандидат. Остануват уште десетина општини. Имаме во последниот круг на одлучување општини во кои СДСМ води со над десет или 15 проценти. Во Крива Паланка водството на СДСМ над ВМРО-ДПМНЕ е два спрема еден. Секој кандндидат ќе го победи кој било друг. Целта е да ги одбереме најдобрите“,
рече Николоски.
Тој во вторникот промовираше уште 16 кандидати на СДСМ за градоначалници, при што рече дека 12 од нив се нови имиња. Со тоа, како што посочи, владејачката партија веќе има 50 кандидати за вкупно 80 општини во државата, а утврден е и кандидатот за градоначалник на Скопје, односно тоа е актуелниот градоначалник Петре Шилегов.
Но, не се утврдени се уште кандидати за неколку општини во кои СДСМ има повеќе претенденти за градоначалничка кандидатура, покрај досегашните градоначалници, кои се од редовите на партијата, скопски Центар, Битола, Струмица, Кочани, Крива Паланка…
Не е официјализирана се уште ниту кандидатура за градоначалник на Куманово, каде што досегашниот градоначалник од редовите на СДСМ, Максим Димитриевски, вчера, за еден ден ги собра потребните 450 потписи за да може да се натпреварува за уште еден мандат, но сега како независен кандидат.