Експертската работна група идната недела треба да почне со утврдувањето на уставните амандмани, без учество на опозицијата во процесот
Ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема проблеми со уцени и со закани, како што можеби некое во минатото имало, па на посреден или непосреден начин кумувало да се случува тоа во минатото, па и до денес се нудат да посредуваат, а во суштина немаат никаква моќ, тврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Мицкоски го следеше налогот на Апасиев и затоа не номинира претставници во екпертската работна група за уставните измени, реагираат од СДСМ

Учеството на ВМРО-ДПМНЕ во работната група за уставни измени е затворена тема, според партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој го критикува составот на ова тело. Тој забележува дека во составот на работната група има симпатизери на Путин и луѓе блиски на власта.
Тврди и дека нема пратеници од ВМРО-ДПМНЕ што би гласале за уставните измени.
„За да дојдеме ние до работа на оваа група, прво треба во парламентот со две третини да помине потребата од отворање на Уставот. Јас го повикувам Димитар Ковачевски да не биде кукавица. Како што ја лаже меѓународната заедница дека имало напредок со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, еве го повикувам веднаш да видиме. Нека не си го купува мандатот со тоа што цело време си ја лаже меѓународната заедница. Нашите информации велат дека на состаноци со нив тоа го зборува. Нема такви пратеници, затоа што овој пратенички состав на ВМРО-ДПМНЕ е прилично јасен во својот став и цврст и ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема проблеми со уцени и со закани, како што можеби некое во минатото имало, па на посреден или непосреден начин кумувало да се случуваат тие уставни измени во минатото, па и до денес се нудат да посредуваат, а во суштина немаат никаква моќ. Некои луѓе коишто биле дел од претходното раководстово на ВМРО-ДПМНЕ.
Се лажат од Владата и од меѓународната заедница дека ако понудат амнестија на некои функционери на ВМРО-ДПМНЕ, дека тие ќе им донесат некои гласови, ќе направат раскол во ВМРО-ДПМНЕ. Се лажат. Нека не се брукаат на отворена сцена, уставни измени во овој состав ќе нема“,
изјави Мицкоски денеска.
Во однос на хрватскиот модел, тој вели дека ако се дојде до втора фаза да се разговара за тоа и ако има консензус, тој е подготвен да учествува. Вели дека како што е Преамбулата во хрватскиот Устав, така треба да биде и во македонскиот.
Од СДСМ, пак, го обвинија дека е заложник на партијата Левица.
„Мицкоски го следеше налогот на Апасиев и затоа не номинираше претставници во екпертската работна група за уставните измени. Исто така, претходно Мицкоски одби учество и петте работни групи со Бугарија. Заложникот Мицкоски не учествуваше во ниту една државна одлука, седи на страна и работи против ЕУ. Промашените пропаганди на ВМРО-ДПМНЕ и Левица се на штета на македонското општество и европскиот пат на земјата и СДСМ ќе ги разобличува секој ден“,
велат од СДСМ.
Работната група составена од професори, експерти и партиски претставници идната недела треба да почне со работа. Номинираните членови ќе работат на утврдувањето на уставните амандмани.
Опозицијата, како од македонскиот, така и од албанскиот политички блок, нема да учествува во работата за уставните измени со кои Бугарите ќе бидат внесени во Уставот, услов кој се наметна со прифаќањето на „францускиот предлог“ и стана дел од преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија.