Не гледам дека има потреба да имаме тајни средби. Кога ќе имаме средба, таа ќе биде средба која ќе се случи во јавен простор – дали во Клубот на пратеници, во Собранието, на улица „Македонија“ во некое кафуле, вели Ковачевски коментирајќи ја изјавата на Христијан Мицкоски дека тој нема да прифати никакви тајни средби со него

Сè уште не е договорено кога ќе се случи средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но комуникацијата на партиско ниво редовно се одвива, вели премиерот Димитар Ковачевски. Тој вели дека кога ќе биде договорена средбата таа ќе се одржи на јавен простор, затоа што нема потреба од, како што рече, тајни средби.
„Не гледам дека има потреба да имаме тајни средби. Кога ќе имаме средба, таа ќе биде средба која ќе се случи во јавен простор – дали во Клубот на пратеници, во Собранието, на улица ‘Македонија’ во некое кафуле“,
рече денеска Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања на презентацијата на првата странска инвестиција во 2024 година во ТИРЗ.
Ковачевски, коментирајќи ја изјавата на Христијан Мицкоски дека тој нема да прифати никакви тајни средби со него, рече дека веќе имаат комуникација на партиско ниво.
„Ќе видиме кога ќе договориме средба. Имаме комуникација на партиско ниво. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ е во редовна комуникација со заменик-претседателката на СДСМ“,
рече Ковачевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за порталот „Прес 24“ вели дека нема потреба да се среќаваат на никакви тајни средби со Ковачевски бидејќи, како што рече, со него нема ништо тајно за споделување.
„Јас го разбирам него. Сака да имаме средба, потоа тој кај него во партија да им раскажува работи кои не се случиле, да им создава лажна надеж и на тој начин да создава привид за некакво единство, за да ја додржи партијата во која има евидентно незадоволство по повеќе основи. Тоа се нивни работи, но јас знам дека кога и да имаме средба за тоа ќе биде известена јавноста“,
вели Мицкоски.
Средбата со Мицкоски за темата техничка влада, Ковачевски ја најави уште во декември, минатата година, кога рече дека нема да биде помпезна како што обично знаат да бидат.
Ковачевски во врска со најавите од албанската опозиција за блокада на Собранието, доколку не се избере нивен член на Државната изборна комисија, вели дека разговорите за оваа прашање треба да се водат во Собранието.
„Ќе мора да ги водат разговорите во Собранието. Инаку, не е ништо ново. На волја на вистината, македонската опозиција го блокира веќе четири години. Се надевам дека до крајот на мандатот нема да има повеќе блокади“,
рече тој.
На прашањето дека доколку дојде до тоа нема да може да има техничка влада, Ковачевски рече дека во државата за се има закони.
Околу тоа дали разговараат со ДУИ за формирањето „Европски фронт“, премиерот истакна дека овие денови не разговарале поради, како што рече, новогодишните празници.