Тоа се ИП-адреси кои се најчесто од странство и до кои тешко се доаѓа, како и до луѓето што ги менаџираат, вели шефот на државата
Нема потреба за свикување на Советот за безбедност поради зачестените дојави за бомби. Сите надлежни органи се максимално ангажирани и не допуштаат никаква шанса некој да постави експлозивна направа во училиштата, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски.
„Јас сум во постојана комуникација со МВР. До овој момент нема потреба да се крева тоа на такво ниво. Од тоа што го знам, надлежните се постојано на дневна основа активни во однос на тие закани. Постојат два аспекта – кривично-правен поради стресот, паниката, стравот што ги предизвикуваат кај децата, родителите, кај сите нас, и таа работа ја тераат надлежните органи. Меѓутоа тоа се ИП-адреси кои се најчесто од странство и до кои тешко се доаѓа, како и до луѓето што ги менаџираат. Сите надлежни органи се максимално ангажирани и не дозволуваат да има каква било шанса некој да постави експлозивна направа во нашите училишта“,
истакна Пендаровки одговарајќи на новинарско прашања пред денешната панел дискусијата на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје.
Денеска повторно имаше дојави за бомби во основните училишта во Општина Аеродром и во Куманово, како и во неколку скопски средни училишта.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека утрово во СВР Скопје и СВР Куманово било пријавено дека на електронските адреси на училишта во Скопје и Куманово е упатена закана за поставена експлозивна направа.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“.
информираа од МВР.