Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека утрово во СВР Скопје и СВР Куманово било пријавено дека на електронските адреси на училишта во Скопје и Куманово е упатена закана за поставена експлозивна направа
Дојави за бомби пристигнале во девет основни и едно средно училиште на територија на Општина Куманово, информираше на Фејсбук градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Станува збор за основните општински училишта „11 Октомври“, „Бајрам Шабани“, „Браќа Миладиновци“, „Крсте Мисирков“, „Браќа Рибар“, „Јероним Дерада“, „Карпош“ – Умин Дол, „Кирил и Методиј“, „Кочо Рацин“ и средното општинско училиште „Гоце Делчев“.
„Екипите на СВР Куманово при Министерството за внатрешни работи се на терен и се преземаат мерки за расчистување на случаите. Учениците и наставниците безбедно се евакуирани, а родителите и граѓаните да бидат смирени. Во текот на вчерашниот ден, во општината имавме координативен состанок за справување во кризни ситуации и преземање на мерки“,
напиша Димитриевски.
Дојави за бомби утринава имаше и во сите осум основни училишта во Општина Аеродром, потврди за „360 степени“ градоначалникот Тимчо Муцунски.
Од Општината преку Фејсбук апелираа на смиреност и почитување на пропишаните правила и протоколи за постапување во овие случаи.
„Благодарение на брзото постапување, до сега сите дечиња се на безбедно, придружувани од своите родители или наставниот кадар. Според информациите кои ги поседуваме, во сите училишта е спроведен планот за евакуација, кој предвидува децата да бидат на безбедна дистанца од училиштата. Истовремено, родителите се повикани доколку се во можност, да ги земат своите деца од училиште. Општина Аеродром одржува редовна и постојана комуникација со полициските службеници од Министерството за внатрешни работи. Сите наши ресурси се ставени на располагање до целосно завршување на потребните проверки“,
информираа од Општина Аеродром.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека утрово во СВР Скопје и СВР Куманово било пријавено дека на електронските адреси на училишта во Скопје и Куманово е упатена закана за поставена експлозивна направа.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“.
информираа од МВР.