Зборувајќи за францускиот предлог, Бирн порача дека со него се заштитени македонскиот јазик и идентитет и со ова се оставаат сите билатерални прашања надвор од преговарачката рамка.
Демонстриравте дека сте посветени на тешкиот реформски процес што е во тек. Сакаме преговорите и пристапувањето да се случат што е можно побргу. Во моментов сте соочени со навистина важна одлука и јас лично сум многу возбуден од можноста Северна Македонија да стане членка на Европската Унија, изјави министерот за европски прашања на Ирска, Томас Бирн на заедничката прес-конференција во Скопје со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и финската министерка за европски прашања Тити Тупураинен.
„Јас доаѓам од земја од којашто не ни беше дозволено да зборуваме на ирски јазик долги години и со членството во ЕУ, нашиот јазик доби навистина еден извонреден статус. Сигурен сум дека тоа ќе биде случајот и со македонскиот јазик. Тоа што сакам да кажам е дека нашиот идентитет како нација беше зајакнат со членството и ни даде храброст и сите тие знамиња што се во ЕУ претставуваат земји што се еднакви и тоа е она што ние го вреднуваме во Унијата“,
истакна Бирн.
Министерот за европски прашања на Ирска, зборувајќи за францускиот предлог, порача дека со него се заштитени македонскиот јазик и идентитет и со ова се оставаат сите билатерални прашања надвор од преговарачката рамка.
„Тоа што ние сакаме да порачаме, ова е вашето време, нема подобар предлог што е на располагање и доколку се случи тоа ќе биде причина за прослава бидејќи ќе доведе до напредок на целата земја и граѓаните. Ако не се случи јас навистина не знам што да кажам, ако се потпише се разбира дека ќе има и компромиси, меѓутоа и со тие компромиси предлогот содржи големи победи и за земјата и за македонскиот народ. Се разбира крајната цел е полноправно членство“,
порача Бирн.
Во однос на општествениот и економскиот напредок, тој посочи дека кога Ирска станала дел од европската заедница имале милион вработени, додека според податоците од минатата година, таа бројка денес е 2,5 милиони вработени. Бирн истакна дека претставува извонредна разлика и оти не постои сомнеж дека и Северна Македонија ќе просперира и ќе успее како економски, така и општествено.