Ако тежнееме кон ЕУ, тогаш проевропските сили треба во себе да соберат поголема храброст и да продолжат со реформите за пат кон ЕУ, порача европратеникот и известувач за земјава во ЕП
Северна Македонија нема друг пат освен да биде дел од Европската Унија. Северна Македонија нема друг пат освен добрососедството. И Бугарија и Северна Македонија и Грција и Романија се мали за да имаат сопствена улога во големата геополитика. Единствено со членство во сојузи, барајќи пријателства и добрососедство и проширување на своите контакти во економијата, во политиката, во образованието, во културата може да направиме големи постигнувања, изјави денеска од Струмица бугарскиот европратеник и известувач за нашата држава во Европскиот парламент (ЕП), Илхан Ќучук, одговарајќи на новинарско прашање во врска со последните резултатите од анкетата на ИРИ за расположението на Македонците кон ЕУ и ставањето на Бугарите во Уставот.
За потсетување, анкетата на ИРИ во однос на евроинтеграциите покажа дека 73 отсто од македонските граѓани сакаат земјата да стане членка на ЕУ, додека 24 отсто се против. Во однос на внесувањето на Бугарите во Уставот, пак, 35 отсто од македонските граѓаните одобруваат наспроти 56 отсто кои не одобруваат.
Ќучук рече и дека ги почитува ставовите на македонските граѓани доколку процениле дека таква е актуелната политичка ситуација, но потенцираше дека политичарите играат важна улога за тоа како размислува едно општество.
„Ако патот на Северна Македонија е во ЕУ и сите работиме на тоа и тежнееме кон тоа, тогаш јас мислам дека проевропските сили треба да соберат во себе поголема храброст и да продолжат со реформите за пат кон ЕУ. И затоа мојот апел до политичарите во Северна Македонија е нека спорат за економијата, за здравство, за пензии, за плати, но кога станува збор за приоритетите на земјата-НАТО и ЕУ, тогаш тие за мене се неспорни работи“,
додаде Ќучук.
На новинарско прашање дека македонски граѓани се жалеле во бугарското Собрание за кршење на правата за слобода на изразување, а паралелно бугарските културни клубови во земјава не ја почитуваат одлуката на македонското собрание за промена на имињата, Ќучук одговори дека денеска во Струмица е со конкретна цел – да бара пријателство, иако ова е многу важно прашање за граѓаните од двете држави.
„Јас сметам дека патот за продолжување напред е добрососедството и пријателството, со почитување на различностите и барање начин како да ги надминеме сите пречки кои ни сметале во минатото. Нови патишта, нови можности можат да бидат побарани само со многу желба. Ако човек сака да го види лошото, тогаш ќе го види. Ако сака да го види доброто-ќе го види. Морам да ви кажам дека има многу иницијативи меѓу бугарски и македонски универзитети, меѓу училишта, сите тие го посетија Брисел. Јас сум да се изгради заемна доверба меѓу двете општества. Големиот проблем е во тоа што бугарското и македонското општество не се познаваат добро. Кога има непознавање, тогаш не можеме да говориме за заемно уважување“,
одговори Ќучук.
На дополнително прашање дали може да се надминат проблемите со бугарските клубови, тој одговори дека на Балканот има повеќе историја отколку што можеме да се носиме со неа.
„Ако еден ја прочита историјата, друг треба да ја прочита иднината. Ние живееме денеска и сме актуелни политичари, бугарски, македонски, европски. Ја имаме одговорноста да ги пренесеме двете земји во ЕУ“,
рече бугарскиот европратеник.