Според него, во сечиј интерес е Владата да работи за сите граѓани – без исклучок

Нема да дозволиме како досега, министер Албанец да кажува дека одговара само пред една политичка партија и една етничка заедница. Ова го вели лидерот на Движењето Беса и еден од предводниците на коалицијата ВЛЕН, Билал Касами, во финишот на преговорите за нов владин состав.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, тој дополнува дека новата влада заеднички ќе работи за реализација на програмата, без разлика што ќе биде составена од различни партии и припадници на различни етнички групи.
360֯: Пред кого ќе одговараат министрите, пред премиерот или пред лидерите на партиите?
Касами: Па, сигурно дека сите министри, согласно Уставот и законите, би требало да одговараат на премиерот и на Собранието. Мора да ги вратиме тие законитости во функционирањето на следната влада, затоа што поинаку тогаш не би можеле ние како претставници на Албанците да бараме реализирање на некои програмски определби кои ќе бидат во интерес на Албанците кои ги претставуваме, во оние ресори кои нема да бидат предводени од ВЛЕН.

Според него, во сечиј интерес е Владата да работи за сите граѓани – без исклучок.