Според Неделков, не треба да има загриженост кај родителите и кај учениците за почетокот на учебната година
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) нема донесено одлука за порадикални мерки како протест или штрајк и покрај најавите на Владата дека нема да има покачување на платите на наставниците, вели претседателот Јаким Неделков.
Според него, не треба да има загриженост кај родителите и кај учениците за почетокот на учебната година.
Тој очекува до средината на овој месец да бидат заокружени преговорите во однос на зголемувањето на платите и вели дека ќе бидат конструктивни како социјални партнери со Министерството за образование и со Владата.
„Тоа што сите во јавниот сектор го добија во мартовската плата 2024 година, а тоа е усогласувањето на платите согласно закон со минимална плата, СОНК или просветните работници го добиваат во септември што значи во законскиот рок од март до септември односно во рок од шест месеци треба да се усогласиме и очекувањата на сите вработени во дејноста образование е да се покачат платите или да се усогласат што е поточно“,
вели Неделков во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Неделков вели дека основната плата без додатоци во основното образование е околу 33 500 денари, а во средно 34 600 денари.
„Тоа се основните плати кои се релативно ниски во однос на другите плати и во регионот, а и во однос на други дејности на некои други дејности кои отстапуваат од дејноста образование, така што сметаме дека како важна гранка во општеството вработените во образованието треба многу многу повеќе да имаат плати“,
вели Неделков.
Прашан до каде може да одат отстапките, бидејќи бараат и усогласување со минималната плата, Неделков вели дека 12 проценти ги бараат согласно закон за минимална плата и тука нема ништо спорно.
„Е сега до каде би оделе, апсолутно не знам до каде би оделе кога немаме понуда од другата страна, некаква алтернатива до каде би можеле да бидеме попустливи. Нема пари во буџетот, еве сега со септемвриска плата би прифатиле некој процент останатите од јануари претпоставувам кога би имало таков предлог. Но, се уште таков предлог немаме, за да бидеме толерантни и отстапливи во однос ќе кажам и во однос и на учениците и на родителите и на просветните работници, а секако и на владата за да излезе во пресрет“,
додава Неделков.
Денеска СДСМ преку Комисијата за образование организира собир на наставници и просветни работници. Собирот под слоганот „Немате оправдувања, покачете ги платите!“ ќе биде пред Министерството за образование и наука во Скопје.
За оваа најава Неделков вчера ги повикаа членовите на синдикатот да не учествуваат на протест, без разлика кој го организира, освен на активности на кои СОНК е организатор.