Во контекст на дебатата меѓу работниците и газдите, дали недела треба да биде неработен ден, „360 степени“ обезбеди податоци од УЈП за тоа колку пари се трошат во поединечни денови од викендот. Според добиениот примерок, најмногу пари се трошат во сабота а речиси двојно помалку во недела
Министерството за труд и социјална политика има уште една недела за да го изработи нацртот на законското решение со кое денот недела би станал неработен. Владиниот ресор засега се воздржува да сподели детали за тоа како точно би се имплементирал законот, односно кои служби ќе останат „дежурни“, бидејќи во тек се консултации со засегнатите страни, пред се работниците и работодавачите.
Позициите на двете страни се веќе јавно познати. Најголемиот синдикат притиска недела да стане неработен ден, бидејќи актуелната законска одредба се злоупотребувала. Работодавачите, пак, велат дека во недела се остварува значителен промет во стопанството што земјата не смее да го изгуби, особено приходите од викенд туристите од соседните земји.
Колку се троши во недела?
Во „одмерувањето“ на позициите на двете страни, „360 степени“ побара податоци од Управата за јавни приходи за тоа – колку пари се трошат во недела а колку во другите денови. Како одговор добивме податоци за прометот кој УЈП може да го евидентира електронски, што значи дека во него не влегува на пример прометот на зелените пазари. Бројки за таквиот промет добивме за три викенда, односно деновите петок, сабота и недела.

Според податоците на УЈП, викендот од 28 до 30 август 2020 година бил остварен промет од околу 30,5 милиони евра. Како што покажува графиконот подолу, најмногу од тие пари се потрошени во сабота (12,8 милиони евра), па во петок (10,2 милиони) и најмалку во недела (7,5 милиони евра). Со други зборови, неделата учествува со околу 24% во вкупниот промет тој викенд.
Викендот од 11 до 13 септември 2020 година најмногу се трошело во петок (16,2 милиони евра), па во сабота (14 милиони евра) и на крај во недела (7,9 милиони евра). Во проценти, 42% од вкупниот промет тој викенд бил направен во петок, 37% во сабота и 21% во недела.
Во октомври, во викендот од 23 до 25 тој месец, најмногу пари се потрошени во сабота (13,7 милиони евра), па во петок (9,6 милиони евра) и најмалку во недела (7,3 милиони евра). Или, неделата учествува со околу 24% во прометот за тој викенд.

Или, ако се соберат податоците за сите три викенди за кои УЈП ни обезбеди податоци, најмногу пари се трошеле во саботите (40,5 милиони евра), па во петоците (36 милиони евра) а најмалку во неделите (22,7 милиони евра).
„Од анализата на случајно избраните викенди, видно е дека прометот евидентиран преку ГПРС е значително поголем во петок и сабота, во однос на недела, или прометот во петок и сабота се движи од 31% до 45%, а прометот во недела се движи од 21% до 24%“,
велат од УЈП.
Најдобар пример за споредба со земјава, според стандардот и географската близина, е Црна Гора која неодамна воведе неработна недела. Таму сите политичките партии застанаа зад предлогот и сѐ уште го бранат.
Меѓу исклучоците од забраната таму, на пример, се и пазарите. Но, брзо проработи и балканскиот „ум“, па сега на бензинските пумпи во недела се продава брашно, зејтин, шеќер, млеко… Тамошната Организација на работодавачи лобира законот да се укине и веќе го обжали пред Уставниот суд. И по 13 месеци, тамошниот Уставниот суд нема донесено одлука.