„Најостро се спротивставуваме на ваквите несериозни барања, а доколку продолжат со ваквиот однос кон работниците, за многу брзо време работници ќе нема, а газдите сами ќе треба да ги засукаат ракавите и да работат“, велат од ССМ

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) најостро се спротивставува на барањето на Стопанската комора на Северна Македонија да се разгледува Законот за недела – неработен ден.
Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, вели дека Сојузот на синдикати на Македонија по пат на протести и штрајкови и преку социјален дијалог со Организацијата на работодавачи на Македонија и Владата го утврди правото недела да биде неработен ден за повеќе од 80 отсто од работниците, со право на додаток на плата за работниците кои работат во исклучоците каде што работниот процес не може да се прекине.
„Денес, работниците во Македонија се соочени со сè поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати, како и барањата на газдите од Стопанската комора за кратење на работничките права, а особено кратење на неработните денови“,
вели Трендафилов во изјава за МИА.
Изјавата на Трендафилов доаѓа откако вчера претседателот на Стопанската комора Бранко Азески изјави дека би сакал да има средба со синдикатите на која ќе ги соочат аргументите за недела неработен ден.
Трендафилов вели дека недела неработен ден има вратено малку од работничкото достоинство.
„На претставниците од Стопанската комора им порачуваме дека со ваквите нивни ставови и ниските плати кои ги даваа на работниците предизвикаа егзодус на квалификуваните работници од Македонија. Истовремено, ги потсетуваме дека и сабота е неработен ден за работниците во Македонија поради тоа што во Македонија, по правило работната недела трае пет работни денови“,
додава Трендафилов.
Од ССМ прашуваат во кое својство Стопанската комора се појавува со барања кога партнер на синдикатите во социјалниот дијалог е Организацијата на работодавачи на Македонија.
„Најостро се спротивставуваме на ваквите несериозни барања, а доколку продолжат со ваквиот однос кон работниците, за многу брзо време работници ќе нема, а газдите сами ќе треба да ги засукаат ракавите и да работат“,
велат од ССМ.
Азески вчера рече дека е време да седнат со синдикатите и да поразговараат.
„Ние за тоа имаме свои аргументи. Не ги криеме аргументите, ги изнесовме јасно. Тоа беше и на Уставен суд. Значи, ние зборуваме дека за секој закон од системски карактер по шест месеци или година дена, треба анализа која ќе покаже што треба да се коригира или сосема да се менува. Јас тврдам дека анализа за овие закони за кои зборувам не е направена, а тие директно ’брцаат’ во џебот на бизнисот, наместо да ги регулираат односите меѓу нас“,
изјави Азески.
Стопанската комора на Северна Македонија покрена и иницијатива пред Уставниот суд за овој закон, по што уставните судии одлучија недела да остане неработен ден за работниците.